Стоилковски: Граѓаните знаат сами да одлучат во каква Македонија сакаат да живеат

Стоилковски: Граѓаните знаат сами да одлучат во каква Македонија сакаат да живеат

Скопје, 12 септември 2018

Народот на Република Македонија е горд, умен и има капацитет самиот да одлучи како ќе постапи на 30-ти септември. Граѓаните знаат сами да одлучат во каква Македонија сакаат да живеат. Од одлуката на граѓаните може да се плашат само политичари кои имаат црни дамки и кои знаат дека тоа што го сториле е погрешно и предизвикува долгорочна штета. Зошто на Заев му пречи повикот граѓаните сами да одлучат како ќе постапат?

Дали ги потценува дека не се способни или е свесен дека тие увидоа дека единствените вредности кои ги застапува картелот се вредностите на мафијата?

Почитувани,

Наместо за капитулацијата на Република Македонија, чие уставно име е недостоен да го изговори, Заев рекламира лажни вредности. Според кампањата ништо Заев не треба да прави, а народот ќе се лечи надвор, младите ќе се образуваат надвор. Зошто било кој воопшто би работел, пари ќе се слеваат секој ден, што ќе ни се нови инвестиции, фабрики, раст на БДП!? Само вие продадете си го името, идентитетот, достоинството! Веднаш Заев ќе стане чесен, Анѓушев нема да чепка во фондовите, Филипче во тендерите!

Ваква манипулативна кампања со пораки полни со лаги каква што води Зоран Заев и неговата капитулантска криминогена свита, е срамна за било која држава. Уште посрамно најмалку ја заслужуваат граѓаните на Република Македонија.

Сите обврски кои ги содржи текстот на овој таканаречениот договор паѓаат на грбот на Македонецот и на Република Македонија. Притоа, спротивно на сите национални и државни интереси, на сите црвени линии, Заев ги прифати сите грчки условувања; условувања кои и Атина не верувала дека некогаш ќе и бидат исполнети!

Договорот е толку едностран што Грција нема никакви обврски, нема ништо повеќе од она што Грција го имаше како обврска во Времената Спогодба од 1995 година! Договорот е до толку антимакедонски што предвидува бришење на придавката и забрана за употреба на терминот Македонија и во целосната внатрешна употреба. Договорот е прифаќање на грчка ревизија во литературата, учебниците, науката- замислете, во суверена независна држава Република Македонија- што е полошо и од асимилацијата спроведувана врз преостанатите Македонци во Грција. Притоа, со ваков таканарречен меѓународен договорот, се забрануваат врските па и семејните од двете страни на границата. Едните Македонци се со хеленско потекло, култура и наследство, а другите се од таа нова сега креирана вештачка нација во Северна Македонија. Бидејќи со договорот се креира нова нација, вештачка нација со нова историја по мерка и замисла на соседите. И тоа ќе трае со години, се до системско исчистување на се што некогаш значело Македонец и Република Македонија.

Почитувани, ова не се европски вредности врз кои се темели ЕУ. Ова не е договор кој што ќе ја затворат Балканската пандорина кутија. Ова е само почеток на нови кавги, нови несогласувања, нови блокади.

Почитувани, само за минливи и површни актери во политиката ова е наметнување на добрососедство, и на овој начин се гради пријателство. Капитулантскиот договор ги навредува интелигенцијата и достоинството на Македонецот. Ова е договор за Северна Македонија со јазик и народ во фуснота! Вистината која Заев и капитулантската свита секојдневно ја кријат е дека во целост се брише се’ со што Македонците се поистоветуваат, со што се гордеат, со што се идентификуваат, од каде го црпат колективниот и индивидуалниот идентитет.

Република Македонија, Македонците од минатото, сегашноста и иднината , не заслужуваат вакво газење на достоинството, какво што им се прави со овој договор!

Република Македонија не заслужува да биде цел на манипулација за референдум за нејзино укинување!

 Наум Стоилковски, Портпарол на ВМРО-ДПМНЕ

____________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

 

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ