Меѓународната заедница со интензивирана поддршка за референдумот

Меѓународната заедница со интензивирана поддршка за референдумот

Скопје, 9 септември 2018 (МИА) - Од вас зависи, одлуката е на граѓаните, референдумот е историска шанса за земјата, која не се појавува секој ден, поддршка за успех на плебисцитарното изразување на граѓаните. Ова се дел од пораките што изминатите денови на интензивирани дипломатски активности ги пренесуваат  претставниците на меѓународната заедница, кои ја посетија Македонија во пресрет на престојниот референдум.

Во Скопје вчера прв пат од воспоставувањето на диломатските односи, пред 25 години, на Денот на независноста, престојуваше германски канцелар, Ангела Меркел. Таа на заедничката прес-конференција со премиерот Зоран Заев потенцира дека нејзината посета и поддршката за престојниот референдум и Договорот од Преспа во себе не содржат елементи на закани или какви било притисоци со цел да се влијае врз македонските граѓаните. 

Прес Заев и Меркел

- Никој не им се заканува на македонските граѓани со изолација. Тие можат и треба сами да одлучат за иднината на државата. Иднината може да биде членство во НАТО и ЕУ, доколку имате успех на референдумот на 30 септември. Но, секако има и одредени предуслови што треба да се исполнат, рече вчера Меркел.

Таа нагласи дека спорот меѓу Македонија и Грција мораше да се реши, бидејќи одлуките за интегрирање на земјата во ЕУ и НАТО потоа се носат консензуално од сите земјите-членки.

- Луѓето на 30 септември имаат можност, исто како што направија пред 27 години, да гласаат дали сакаат да припаѓат на семејството на ЕУ и НАТО, а тоа бара истовремено прифаќање на Договорот со Грција, рече Меркел на заедничката прес конференција со македонскиот премиер Зоран Заев.

Таа излезе со јасна политичка порака - „Не останувајте дома на 30 септември, на овој историски ден. Искористете ја шансата и кажете каква иднина сакате да имате“. 

Меркел вчера се сретна и со лидерот на опозицијата и нагласи дека пораката до него била дека  „за важните прашања во една демократија мора да им заедничка национална одговорност“. 

Мицкоски по средбата со Меркел изјави дека во текот на наредната недела партиските тела на ВМРО-ДПМНЕ ќе имаат состанок и ќе биде донесен конечниот став за референдумот.

Во пресрет на референдумот во посета на Македонија престојуваа генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, министерот за надворешни работи на Луксембур Жан Аселборн, австрискиот канцелар Себастијан Курц.

- За неколку недели ќе имате референдум на кој треба да се одлучите за иднината, за вашето членство во ЕУ и во НАТО. На вас е да одлучите дали ќе гласате и ќе го изразите мислењето, а НАТО е подготвен да ве прифати како 30. земја-членка, е пораката, што ја пренесе Столтенберг.

Заев и Столтенберг прес

За министерот за надворешни работи на Луксембург Аселборн претстојниот референдум е предизвик за земјата. - Треба да се одлучите дали ќе останете во минатото или ќе изберете иднина. Излезноста на референдумот мора да биде висока, што ќе биде во интерес и на вашата земја и на ЕУ, додаде тој.

Димитров и Аселборн

За Курц решавањето на прашањето за името е голема шанса за динамика на Македонија и на целиот регион. Тој за време на престојот во Скопје ги повика граѓаните да учествуваат на претстојниот референдум и да гласаат „за“ договорот и „за“ европската перспектива на Македонија. - Тоа е одлука на секој поединец и навистина  не е мое да ја направам одлуката за некој друг, но како пријател на Македонија и како активна земја членка на ЕУ ние ќе сметаме дека би било многу позитивно доколку има големо учество и позитивен исход на референдумот, изјави Курц, чија земја е актуелен претседавач со ЕУ.

Заев и Курц

Утре во Скопје пристигнува американскиот сенатор и претседавач на Комисијата за државна безбедност Рон Џонсон, кој е еден од коспонзорите на резолуцијата на Сенатот за поддршка на Договорот од Преспа. ац/сд/08:10

###

 

 

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Мозаик

„Хет трик“: Фудбалер за само шест недели доби деца од три жени

Напаѓачот на англискиот фудбалски клуб Стоук Сити,...

Доделена „Алтернативната Нобелова награда"

Наградата „Правилно живеење", позната и како „Алте...

Тревога во Бакингемската палата поради приврзок за клучеви

Мажот кој вчера беше уапсен кај Бакингемската пала...

Многу мажи по сексот чувствуваат емотивна празнина

Дури 40 отсто од мажите по сексот чувствуваат емот...

НАСА откри две нови планети

Само пет месеци по поставувањето во земјината орби...