Сенаторот Џонсон импресиониран од храброста со која е надминат спорот со Грција

Сенаторот Џонсон импресиониран од храброста со која е надминат спорот со Грција

Скопје, 9 септември 2018 (МИА) - Американскиот сенатор и претседавач на Комитетот за национална безбедност и на Поткомитетот за европска и регионална безбедносна политика, Рон Џонсон на денешната средба со премиерот Зоран Заев изразил импресионираност за храброста, односно начинот на кој Македонија и Грција го решиле повеќедеценискиот спор со потпишувањето на Договорот за името и стратешка соработка.

Тој на средбата, како што соопшти владината прес-служба ја пренесе силната американска поддршка, Македонија да стане 30-та членка на НАТО, како позитивен пример на одржување на добрососедски односи и соработка со другите земји во регионот, со оценка дека тоа дава нов импулс за зацврстување на јасната насока во која се движат земјите од Западен Балкан.

Двајцата соговорници се согласија дека успешниот референдум е клучен за иднината на Република Македонија и дека граѓаните треба да ја искористат оваа шанса, преку сојузништвото во НАТО и членството во Европската унија да им го отворат патот на младите за стабилна иднина и економски напредок.

Премиерот Заев го информирал сенаторот дека пред претстојниот референдум очекува и лидерите на опозицијата да ја прифатат поканата за учество и обединување и дека ќе го повикаат своето членство да излезе и да гласа за остварување на заедничката цел, евроатлантските интеграции.

- Резултатите од реформите се продукт на бескомпромисна политичка волја за трајни реформи. Нашите водечки вредности се демократија, владеење на правото, независни институции и слободни медиуми, рече премиерот Заев.

Тој изрази подготвеност за продолжување на клучните реформи за зајакнување на владеењето на правото, борбата против корупцијата, реформата на безбедноста и разузнавањето и реформата на јавната администрација, со цел интеграција во НАТО и ЕУ.

Премиерот Заев и сенаторот Џонсон ја истакнаа улогата и учеството на Република Македонија во заедничките мировни мисии со САД во Авганистан и во Ирак, како активности кои ја приближуваат земјава до полноправното членство во ЕУ и НАТО и го потврдува стратешкото партнерство со САД. ац/бк/15:24

###

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ