Стоилковски: Заев го брише македонскиот идентитет

Стоилковски: Заев го брише македонскиот идентитет

Скопје, 10 септември 2018 

Почитувани,

Заев молчи и нема одговор зошто го брише македонскиот идентитет.
Грчкиот министер Никос Коѕиас го потврди тоа што го крие Зоран Заев и власта. Коѕиас прогласува победа во преговорите, со тоа што потврдува дека никој повеќе нема да употребува Република Македонија вклучително и над 140 држави, меѓу кои и САД, за што со години макотрпно траеше борбата за признавање под уставното име!

Почитувани,

Идентитетот го чува и јакне државата преку нејзините национални институции - политички, административни, општествени, научни. Со бришењето на придавката и со смена на името на државата за сите употреби внатре во комуникацијата во државата, овој Договор кој предвидува бришење на атрибутот, го брише идентитетот и им ја одзема државноста на Македонците. Тие ја губат својата држава.

Освен лажните заложби за европски вредности - нема одговор на клучното прашање за Македонците и за Република Македонија: Зошто Зоран Заев прифати да го менува идентитетот на Македонците? СДСМ и Зоран Заев немаат ниту еден аргумент дека со договорот се брише македонскиот идентитет, се бришат институциите преку кои се идентификува народот и кои го гарантираат идентитетот.

Дури и Заев признава дека сите институции ќе мора да го загубат македонскиот предзнак. Заев признава дека сите институции ќе мора да го избришат името и наместо придавката Македонска, Македонски, Македонско, ќе мора на крајот да додадат „на Северна Македонија“. Така, Заев признава дека ќе се смени и името на сите државни институции, министерства, државни органи, МАНУ, личните карти, пасошите.

Во цела низа на членови во Договорот точно се прецизира бришењето на идентитетот - од тоа како ќе биде новото име, промена на Устав, документи, како треба да гласи второто име, ги дефинира имињата на институциите, прецизира дека ќе биде и за севкупна употреба, како ќе гласи националноста и државјанството, го дефинира бришењето на придавките од имињата на институциите, забраната на придавките во комуникацијата, ги дефинира и прецизира термините кои ќе смеат да бидат употребувани, па предвидува долготраен детален процес на ревидирање на научни дела учебници и помагала, дури и ревизија на комерцијалните имиња и трговски марки! И на сето тоа Грција добива право со овој Договор во случај на како стои „грешка, пропуст или превид“, да побара исправка и извинување!

Овој Договор, овој текст не остава ништо на случајност, или нешто што Заев се обиде да го нарече паушалност која остава простор. Заев точно знае што прифатил, и упорно и системски го лаже македонскиот народ.

Договорот предвидува комплетно бришење на идентитетот. Ова е Договор за чистење на цела нација, ова е пострашно од геноцид, ова е чист етноцид. И тој етноцид сакаат да го прикажат за некаква победа. Ова е погубен договор за кој тече државна кампања за измама и манипулација на граѓаните за некаков подобар живот и европска Македонија.

Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ 

____________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

 

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ