Стоилковски со обвинувања дека Заев ја брише македонската историја и култура

Стоилковски со обвинувања дека Заев ја брише македонската историја и култура

Скопје, 11 септември 2018

Зоран Заев ја брише македонската историја, традиција и култура само за да го прикрие општиот грабеж кој го спроведува тој и неговиот криминален клан.

Тоа не се европски вредности и залудно Заев го лаже народот дека ако прифати да си го смени идентитетот, тој и картелот на власт немало да крадат.

Тажно е кога Зоран Заев вели дека ни требало некаков „камшикар“ од надвор што би ги потсредил сите од него па надолу, за да има некаков европски ред и поредок!

Господине Заев, премиеру на суверена независна Република Македонија. На Македонија не и треба камшикар од надвор. Тебе и на сите оние кои крадат и местат тендери на новоформирани фирми ви треба камшик. Камшикот е народот и правниот систем. За жал правниот систем, цвили под твојата пресија. Камшикот е и администрацијата, ама ја држиш во страв со прислушување признаено од твоите азгани. Затоа камшикот народ, тебе ќе ти пресуди. Тој веќе ги игнорира твоите лажни забави, додека ти го продаваш идентитетот на кило, а државата на парчиња!

Почитувани, Заев во својата површност и заблуденост лаже за народот кога вели „остануваме Македонци“ и дека државата останува Македонија! Тоа го потврдуваат и капитулантскиот текст и Атина. Вели договорот бил корисен, а капитулантски само во главите на вмровците. Исто колку што продажбата на името и промените на Уставот и идентитетот беше во главите на вмровците!

Еве слушнете го Ципрас што вели во Европарламентот. Македонија во иднина вели никој немало веќе да ја нарекува така, а ни народот веќе немало да се декларира како македонски.

Ова не е праведен договор базиран на реципроцитет, туку спогодба со која што се прифаќаат грчките црвени линии во целост. 

Овој договор, почитувани е монструозен план кој внесува раздор во душата на Македонецот. Заев од Македонецот бара од него иако се чувствува Македонец да мора да каже и да има документи за идентификација кои отскокнуваат од неговото внатрешно чувствување. Па каква врска има тоа со европски вредности и поредок? Европска вредност ли е да се дроби внатрешното душевно чувство на цел еден народ?
Ќе повторам, Во цела низа на членови во Договорот точно се прецизира бришењето на идентитетот - од тоа како ќе биде новото име, промена на устав, документи, како треба да гласи второто име, како ќе гласи националноста и државјанството, го дефинира бришењето на придавките од имињата на институциите, забраната на придавките во комуникацијата, ги дефинира и прецизира сите термини кои ќе смеат да бидат употребувани, па предвидува долготраен детален процес на ревидирање на научни дела учебници и помагала, дури и ревизија на комерцијалните имиња и трговски марки! И на сето тоа Грција добива право во случај на, како стои „грешка, пропуст или превид“, да побара исправка и извинување! Мора да е јасно, Грција нема никаква обврска со Договорот напротив, добива право да се изживува и навредува како ќе им се посака, што впрочем и го прават.

Недвосмислено условите од текстот на Договорот отвораат простор за идни демарши, спорови и кавги од грчка страна, ако преименувањето тука не биде спроведено до последната точка, почитувано дури и во името на некоја граѓанска организација или КУД. Текстот на договорот е прецизен и не остава ништо на случајност. И тоа на Грција и се остава право секогаш да не даде согласност за членство во ЕУ и НАТО. Грција со ништо не е обврзана за давање на согласност за членствата. Заев точно знае што прифатил, и упорно и системски го лаже македонскиот народ. И иронијата да уште поголема, ова само за минливиот и маргинален Заев е знак на пријателство.

Заради едностраноста на договорот, тој не е договор туку акт на капитулација. Кампањата за Северна Македонија е чиста манипулација на македонскиот народ. Народот кој што ќе биде финалниот камшик!

Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ

____________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ