• A-
  • A
  • A+
петок, 21 септември 2018, 

Шеќеринска во посета на рударската општина Пробиштип (видео)

Шеќеринска во посета на рударската општина Пробиштип (видео)

Пробиштип, 11 Септември 2018 (МИА) - Министерката за одбрана, Радмила Шеќеринска денеска е во посета на рударската Општина Пробиштип, каде што истакна дека денеска на седница на Влада се носат и измените на законот, со кои рударите со бенефициран стаж ќе одат порано во пензија.

- Задоволство ми е што сум во Пробиштип, токму на денот кога Владата ја донесе таа одлука и додека сум тука во тек е дискусија и на Влада и на прес-конференција, каде што ги образложуваме овие измени. Ние сме свесни дека проблемите на граѓаните се бројни. Меѓутоа и денеска покажуваме дека еден по еден овие проблеми можат да се решаваат, вели Шеќеринска.

Министерката во рамките на кампањата „Излези за Европска Македонија“ за претстојниот референдум на 30 Септември попладнево ќе има средби со граѓаните и трибина. Таа истакна дека за да се решаваат овие проблеми на граѓаните државата претходно треба да ги реши и стратешките проблеми и се посветени Македонија да ја направат членка на НАТО Алијансата и ЕУ.

- Вратите ни се отворени и светот ни подаде рака, за само неколку дена во Македонија во посета пристигнаа најмоќните луѓе во светот. Тоа покажува дека на 30 септември навистина имаме историска одговорност, да ја искористиме таа шанса и во наше име и во име на сите следни генерации. Десет години не убедуваа дека Македонија мора да тоне во изолација. Затоа што светот не не сака. Овие денови покажуваме дека тоа било лага. Покажуваме дека светот знае да ги цени напорите кои што ги направивме изминатата година, рече Шеќеринска.

Таа забележа дека ова беа првите чекори, а, како што рече, клучна е одлуката која ќе се донесе на референдумот на 30 септември, за да има повеќе пари за граѓаните, општините, но и да се вратат и старите долгови и да се вложува во нови проекти.

Смета дека договорот меѓу Македонија и Грција барал и компромис од двете страни, а токму тој договор, како што вели Шеќеринска, е што ќе овозможи на Македонија да гледа во иднината, кој ќе ја гаранатира нашата посебност и еднаш за секогаш ќе ги прекине оспорувањата на македонскиот јазик и идентитет.

Градоначалникот на Општина Пробиштип, Драган Анастасов забележа дека секој градоначаланик сака на граѓаните да им обезбеди добри општински услуги, повеќе пари за проекти и изградба на инфраструктурни проекти, со кои ќе им се олесни животот, а токму со влезот на ЕУ ќе се овозможи поголеми инвестиции и општините нема да тонат во долгови. вдј/сст/15:44

видео

###

 

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ