• A-
  • A
  • A+
среда, 19 септември 2018, 

Нов закон за избор на раководни лица во јавната администрација (видео)

Нов закон за избор на раководни лица во јавната администрација (видео)

Скопје, 12 септември 2018 (МИА) - Раководните лица во јавната администрација ќе се избираат преку транспарентна постапка и со јасни стандарди и критериуми, кои ќе бидат прецизирани со нов закон за висока раководна служба. 

Информацијата за донесување еден ваков закон помина на вчерашната владина седница.

Законот ќе се однесува на високите раководни позиции како директори и секретари. Нема да се однесува на највисоките политички функции како што се министри и заменик-министри, како и на независните тела како што се народниот правобранител или Комисијата за заштита на правото на слободен пристап до информации. 

Ќе биде формирана и комисија што ќе ја врши селекцијата на кандидатите, а изборот на раководните лица ќе биде преку јавен оглас на кој ќе може да се пријават граѓани со високо образование. 

Раководните кадри ќе бидат оценувани една година по назначувањето и секои наредни две години. 

Според министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, ова е еден чекор кон департизација и професионализација на јавната администрација.

- Македонија е прва земја од регионот којашто со започнување на оваа реформа се обврзува преку нов закон да утврди јасни критериуми за избор на професионални раководни кадри. Ова е можеби еден од најважните чекори во процесот на професионализација на адмнистрацијата, што е една од главните цели на реформата во јавната администрација, истакна Манчевски на денешната прес-конференција во Владата.  

Во следниот период се планираат јавни дебати и консултации со граѓанскиот сектор и опозицијата околу подготовката на законот за висока раководна служба. бак/са/13:44

 

###

 

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ