• A-
  • A
  • A+
петок, 21 септември 2018, 

Прва средба на високо ниво помеѓу ЕУ и САД за трговијата по тензиите

Прва средба на високо ниво помеѓу ЕУ и САД за трговијата по тензиите

Брисел, 10 септември 2018 (МИА) - Американскиот претставник за трговија Роберт Лајтхајзер денеска престојува во Брисел, каде што ќе се сретне со еврокомесарката за трговија Сесилија Малмстром на нова рунда трговски разговори.

Ова е прва средба меѓу Малмстром и Лајтхајзер по релаксирањето на односите помеѓу Брисел и Вашингтон минатиот месец, откако ЕУ и САД беа на чекор од трговска војна.

Според европски извори во Брисел, не се очекува двете страни да разговараат за „чувствителни теми“, како што се извозот на автомобили и земјоделски производи.

Сесилија Малмстром

Откако ескалираа тензиите во првата половина од оваа година со воведувањето високи царини од страна на САД за европскиот челик и алуминиум, претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер, отпатува на средба со американскиот претседател Доналд Трамп, на која беше постигнат договор Вашингтон да не ги оцаринува европските автомобили, но се уште има многу несогласувања помеѓу двете страни.

Малмстром и Лајтхајзер на разговрите ќе се обидат да ги надминат овие разлики.

Роберт Лајтхајзер

Двете страни треба да разговараат за реформа на Светската трговска организација, зголемување на увозот на американскиот природен течен гас во ЕУ и за намалување на царините.

Европската страна ќе се обиде да ја убеди американската да не воведува царини во висина од 25 отсто на европските автомобили. Една од опциите што се разгледуваат за да се избегне ваква мерка е да се преговара за увоз на американско говедско месо без хормони. Пристапот до европскиот пазар за американските земјоделски производи е едно од барањата на американската страна. тм/сп/09:48

###

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.