Бабиш смета дека мигрантите кои пристигнуваат по море се „илегални“

Бабиш смета дека мигрантите кои пристигнуваат по море се „илегални“

Берлин, 10 септември 2018 (МИА) - Чешкиот премиер Андреј Бабиш изрази сомневање дали Европа треба да им помага на мигрантите кои се обидуваат да стинат до нејзините брегови со чамци преку Средоземното море.

- Ако ме прашате мене, тоа се економски мигранти - сите илегални. Млади луѓе кои не бегаат од војна, изјави тој во интервју за германскиот весник „Билд“.

Агенцијата ДПА, која го пренесува интевјуто, потсетува дека по дефиниција бегалец е некој кој преминал меѓународна граница поради закана за неговиот живот во сопствената земја, а економски мигрант ја напушта земјата доброволно.

Коментирајќи го фактот дека има многу конфликти на Африканскиот континент, како оние во Сомалија и Еритреја, Бабиш вели дека отишол на лице место за да дознае повеќе и исткна дека тие плаќаат од 2.000 до 5.000 долари за патувањето.

- Една криминална структура за трговија со луѓе заработува околу 5,7 милијарди долари годишно, пренесувајќи луѓе преку Средоземното море, изјави тој без да го посочи изворот на овие податоци.

Бабиш повторно го изрази своето неодобрување за планот на германската канцеларка Ангела Меркел за прераспределба на мигранти по принцип на квоти меѓу европските земји. 

- Европската Унија треба да им помага на луѓето таму каде што се родени. Европа не може да се справи со проблемот со миграцијата на поинаков начин од Америка, Канада, Австралија. Исто така, треба да ја заштитиме цивилизацијата која ни ја оставиле нашите предци и нашата култура, изјави чешкиот премиер.

Европските избори закажани за следната година ќе покажат „што мисли молчеливото мнозинство за илегалната миграција“, изјави Бабиш за „Билд“. ви/јт/11:43

###

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ