ЕРС: ЕУ не се бори доволно против загадувањето на воздухот

ЕРС: ЕУ не се бори доволно против загадувањето на воздухот

Брисел, 11 септември 2018 (МИА) - ЕУ не го штити доволно здравјето на своите граѓани, се наведува во заклучокот на последниот извештај на Европскиот ревизорски суд (ЕРС) за опасноста од загадувањето на воздухот во земјите членки на Унијата.

Како што јави дописничката на МИА од Брисел, ЕРС смета дека поставените норми и регулативи во Европската Унија не „се доволно изискателни и амбициозни“ за она што ЕРС го нарекува „најголемиот ризик од животната средина за здравјето на Европејците“.

Една од причините зошто ЕУ не се бори доволно ефикасно против овој феномен, според ЕРС, е тоа што европските норми се „застарени“ и датираат од пред десет-петнаесет години. Затоа европските норми се пониски од нормите поставени од страна на Светската здравствена организација (СЗО).

Па така, на пример, прагот за ПМ10-честиците во ЕУ од 40 микрограми на кубен метар е двојно повисок од оној на СЗО од 20 микрограми. Разликата е уште поголема за ПМ2,5-честиците, каде што прагот во ЕУ е 25 микрограми, а според СЗО - 10 микрограми.

Загадување

Истото важи и за прагот на сулфур диоксидот, чиј праг во ЕУ е дури шест пати повисок од оној на СЗО.

Токму поради овие „превисоки“ прагови ЕУ презела мерки само против Бугарија од сите 28 земји членки, се наведува во извештајот.

Ревизорскиот суд во своите препораки бара ЕУ да постави „многу постриктни“ граници и да ги усогласи со оние на СЗО до 2022 година.

Судот потсетува дека слична препорака била дадена и пред пет години, но дека европските институции не презеле никакви чекори.

Извештајот исто така алармира дека загадувањето на воздухот не се мери на адекватен начин и дека најверојатно е потценет во повеќето европски градови. ЕРС сам го мерел степенот на загаденост на терен во повеќе градови, меѓу кои и во Брисел, Софија, Краков и во Милано.

Париз загадување

Притоа е заклучено дека мерните станици најчесто не се наоѓаат на вистинските места, па така во Софија ниту една мерна станица не ја мери загаденоста од индустриска природа, иако во градот има повеќе фабрики и електрични централи.

ЕРС забележува и дека ЕУ не успева да ги натера земјите членки да ги почитуваат и постојните норми.

Друг проблем е исто така што европските фондови не се насочени како што треба, наведува ЕРС, посочувајќи ја одново како пример Софија, каде што фондовите на ЕУ не биле насочени за проекти наменети за индивидуалното парно греење, кое е главен извор на загадувањето на воздухот во градот.

Авторите на извештајот бараат од ЕУ борбата против загадувањето на воздухот да стане приоритет и да се зголеми стапката на структурни фондови наменети за оваа цел, бидејќи засега само еден отсто од овие фондови се предвидени за оваа борба. тм/сп/11:37

###

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.