Путин: Ги идентификувавме лицата што ги сомничи Лондон, се работи за цивили

Путин: Ги идентификувавме лицата што ги сомничи Лондон, се работи за цивили

Владивосток, 12 септември 2018 (МИА) - Рускиот претседател Владимир Путин денеска изјави дека руските безбедносни служби ги идентификувале двете лица кои Велика Британија ги посочи како одговорни за труењето на пребеганиот руски агент Сергеј Скрипал и неговата ќерка.

Според Путин, како што јави телевизијата Русија Денес, се работи за двајца цивили, а не за руски агенти. 

- Се надевам дека тие ќе контактираат со медиумите, ќе излезат и ќе раскажат се за себе, изјави Путин во Владивосток, каде учествува на Источниот економски форум.

Британската премиерка Тереза Меј и британското обвинителство ги посочија двајцата Руси, кои тие ги идентификуваа како Александар Петров и Руслан Боширов, како извршители на труењето на Скрипал и неговата ќерка Јулија во март во градот Солсбери близу Лондон.

Британските власти објавија фотографии од двајцата Руси, за кои рекоа дека слетале во Лондон од Москва два дена пред труењето и ги обвинија дека се руски агенти.

Повеќе држави како САД, Франција и Канада се приклучија кон британските заклучоци и побараа од Русија да престане со напади врз западните држави. цч/сп/09:35

###

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.