Агенциите го намалија кредитниот рејтинг на Турција

Агенциите го намалија кредитниот рејтинг на Турција

Вашингтон, 18 август 2018 (МИА) - Агенцијата „Стандард енд Пурс“ го намали кредитниот рејтинг на Турција на „Б плус“ наведувајќи дека падот на вредноста на лирата ќе доведе до послаба економија следната година.

- Значителното намалување на лирата има негативни фискални димензии и во исто време врши притисок врз корпоративните биланси и притисокот врз домашните банки станува се поголем, се наведува во соопштението на „Стандард енд Пурс“.

Агенцијата прогнозира дека Турција следната година ќе влезе во рецесија.

- Во следните четири месеци инфлацијата ќе достигне до 22 проценти, а во средината на 2019 година ќе се намали до под 20 отсто, посочува агенцијата за кредитен рејтинг, додавајќи дека реакцијата на турската Влада е „ограничена“.

И агенцијата „Мудис“ го намали кредитниот рејтинг на Турција на „Ба три“, истакнувајќи дека условите можат да предизвикаат инфлација.

- Главен двигател на падот е континуираното слабеење на јавните институции во Турција, како и намалувањето на предвидливоста во креирањето на турската политика, истакнува „Мудис“.

Агенцијата изразува загриженост поради независноста на Централната банка на Турција, која не ги зголеми каматните проценти, како и поради недостиг на транспарентност на плановите на Анкара за справување со неодамнешните финансиски потреси.

- Тоа најверојатно ќе доведе до поголема инфлација и ќе го зголеми ризикот за платежниот биланс, потенцира „Мудис“. ми/08:29

###

 

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.