• A-
  • A
  • A+
вторник, 18 септември 2018, 

Странските инвеститори во Албанија добивката ја префрлаат во нивните земји

Странските инвеститори во Албанија добивката ја префрлаат во нивните земји

Тирана, 1 септември 2018 (МИА) – Сопствениците на странските компании кои имаат свои бизниси во Албанија добивката не ја користат за понатамошно проширување на активноста, туку веднаш ја транферираат во нивните земји. Експертот за економија, Селами Џепа, оценува дека ова е многу загрижувачка појава, бидејќи главен извор на странските инвестиции е реинвестираната добивка.

- Ние веќе не очекуваме нови големи инвестиции, како што тоа беше во изминатите триесет години и главниот извор на странски инвестиции останува реинвестирањето на профитот што компаниите го остваруваат во Албанија, посочува Џепа.

Според Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), во Албанија уделот на странските инвестиции што доаѓаат од реинвестираната добивка е само 15 отсто, што е еден од најниските во Европа. На прашањето зошто странските инвеститори брзаат да го префрлат својот профит надвор од Албанија,наместо да ги реинвестираат, Џепа вели дека главната причина е ризикот што го гледаат тука.

- Ризикот произлегува прво, од политичката нестабилност, од измените во законодавството, како и бизнис климата. За жал, многу извештаи од бизнис организации или финансиски институции покажуваат дека бизнис климата во Албанија останува проблематична, објаснува Џепа.

Но, покрај ризикот, нагласува тој, постои уште една причина поврзана со демографските и економските случувања.

- Пазарот во Албанија се намалува. Значи, популацијата се намалува а заедно со неа се намалува и куповната моќ, што собрано заедно го прави пазарот да не биде многу интересен. Сето тоа условува странските компании да не гледаат можности за проширување на својот бизнис, оценува Чепа.

Минатата година странските компании кои имаат инвестирано во Албанија, во нивните матични земји вратиле 291 милион евра или 35 отсто повеќе отколку во 2016 година, кога биле трансферирани 215 милиони евра. вт/цч/15:14

###

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.