• A-
  • A
  • A+
петок, 21 септември 2018, 

„Дискаверер“: Посетете го Охрид наместо Дубровник

„Дискаверер“: Посетете го Охрид наместо Дубровник

Скопје, 10 септември 2018 (МИА) - „Не одете во Дубровник, одете во Охрид“ е насловот на статијата што ја објави денеска електронското издание на српски „Дневник“, пренесувајќи ја анализата на интернационалниот туристички портал „Дискаверер“ (The Discoverer).

„Дискаверер“ креирал листа на пет популарни дестинации што треба да се избегнуваат поради метежот и негативниот став кон туристите. Притоа препорачал и алтернативни места за посета.

Според „Дискаверер“, наместо во Дубровник, туристите треба да одат во Охрид.

- Наместо да се обидувате да бидете среќникот што ќе добие билет за разгледување на дубровничките локации, посетете го прекрасниот град Охрид во блиската Македонија. Изобилува со шарм, од ресторани на езеро до древни цркви и манастири, кои како да се наоѓаат на секој агол. Сместен на најстарото езеро во Европа, градот има богата историја, која ќе ве воодушеви, посебно зашто можете да уживате без метеж, наведува Џулија Хамонд, патописецот на „Дискаверер“ .

Според неа, посетата на старото историско јадро на Дубровник е врвно доживување на кој било одмор, но метежот во тесните улички и премини не придонесува за квалитетот на тоа искуство. Пренатрупаноста ја дополнуваат крстосувачите, кои истоваруваат голем број патници и го зголемуваат бројот на луѓе во градот на неколку часа, а кога на тоа ќе се надоврзе и фактот дека Дубровник е сѐ попознат и по смешно популарната серија „Играта на престоли“, настанува проблем од епски размери.

На прво место на негативната листа на „Дискаверер“ е Барселона, на чие место се препорачува посета на Екстремадура. Втора е Маја Беј на Тајланд, која треба да се замени со Ко Мук. Следува Галапагос, за кој како алтернатива е понудена Исла Магдалена во Чиле, додека на крајот се сугерира избегнување на Мачу Пикчу во Перу и посета на древниот локалитет во близина Морај. мч/са/14:09

###

 

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ