• A-
  • A
  • A+
сабота, 22 септември 2018, 

Микро и малите фирми помалку ги имплементираат практиките за општествена одговорност

Микро и малите фирми помалку ги имплементираат практиките за општествена одговорност

Скопје, 11 септември 2018 (МИА) - Средните и големите компании се главно оние кои имплементираат практики за општествена одговорност, но оваа пракса не се применува кај старт ап, микро и малите претпријатија.

Билјана Јанева од Институтот за економски стратегии и меѓународни односи „Охрид“ од Скопје вели дека за наградата за општествена одговорност која се доделува веќе 10 години аплицирале вкупно 173 фирми, главно средни и големи. 

- Во Европа дури две третини од сите бизниси се општествено одговорни. Не само што се бараат овие практики, туку кога се применети, тоа им донесува на компаниите дополнително позиционирање на пазарот и поголем број клиенти. Според едно истражување, на над 25 проценти од потрошувачите им е важно компанијата од која ги снабдуваат своите услуги да биде општествено одговорна, истакнува Јанева, која денеска заедно со директорот на Агенцијата за претприемништво присуствуваше на обука за општествена одговорност за компании што се одржа во просториите на општина Центар.

Социјалното претприемништво во Македонија, исто така не е доволно развиено, но има позитивни примери.

- Важно е да се знае дека со примената на ова претприемништво, компаниите нема да изгубат од својот профит, туку тоа е придобивка за нив бидејќи подобро се таргетираат на пазарот и тоа им е дополнителен маркетинг, вели Јанева. 

Денешната обука е организирана во рамки на Оперативната програма на Агенцијата за претприемништво. Слични обуки за општествена одговорност, социјално и женското претприемништво ќе се одржат и во Струмица, Куманово, Тетово....

- Нашите врати се секогаш отворени. Се што ќе им треба на граѓаните за старт ап компании, за почеток или за помош им стоиме на располагање. Мислам дека и како Агенција треба да сме малку поприсутни во јавноста за да може луѓето да дојдат до нас и да ги искористат бенефитите што им се нудат, изјави директорот на Агенцијата за претприемништво Иле Митковски. бак/скс/12:24

###

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ