Сочувство од „Содексо“ за убиените во Авганистан

Сочувство од „Содексо“ за убиените во Авганистан

Брисел, 2 август 2018 (МИА) – Компанијата „Содексо“, за која работел убиениот Македонец и неговите колеги кои го изгубија животот во атентат во Кабул, изрази сочувство преку соопштение до јавноста.

Претседателот на компанијата Денис Машуел ја изрази својата „длабока тага и шокираност за оваа трагична загуба“, стои во соопштението. 

Тројцата убиени во нападот во Кабул се со македонско, малезиско и индиско државјанство и тројцата работеле за „Содексо“, втора по големина компанија за кетеринг во светот.

Тие биле киднапирани, а потоа егзекутирани од за сега непозната група. Авганистанските власти веруваат дека станува збор за терористички атентат, иако ниедна група за сега не презела одговорност за убиствата.

Нејасно останува што точно се случило. Од авганистанското министерство за внатрешни работи велат дека тројцата вработени го напуштиле работното место околу 8 часот и 30 минути наутро, авганистанско време, во возило со шофер.

- Околу час и половина подоцна нивните тела се пронајдени во полињата во дистриктот Мусахи во друго возило. Трите жртви се мажи, рацете им беа врзани. Убиени се со крушуми. Двајца од нив беа пронајдени во багажникот, а третиот на задното седиште, изјави протпаролот на авганистанското МВР, Насрат Рахими, пренесуваат медиумите.

Полицијата го сомничи шоферот. Медиумите велат дека регионот Мусахи е познат како опасен регион, со силно талибанско присуство. Киднапирањата во Авганистан се чести, а криминалните групи неретко ги препродаваат киднапираните на терористички групи.

Македонското Министерство за надворешни работи денеска соопшти дека испратило барање до авганистанските институции за официјална информација во врска со убиениот македонски државјанин. тм/хс/18:23

###

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ