Бутикофер: Граѓаните да ја искористат шансата на референдумот -да гласаат за иднината на земјата

Бутикофер: Граѓаните да ја искористат шансата на референдумот -да гласаат за иднината на земјата

Скопје, 22 август 2018 (МИА) - Се надевам дека народот на Македонија ќа ја искористи можноста на референдумот да гласа за иднината на земјата. За едно толку важно прашање должност на секој граѓанин е да гласа. Тоа е многу важно и тоа е суштината на демократијата. Можете да не се согласувате по многу прашања, но не смеете да имате несогласувања по однос на поддршка на одлуката за иднината на земјата.

Ова е пораката на копретседателот на Европската зелена партија и пратеник во Европскиот парламент Рајнхард Бутикофер, која ја упатил и за време на денешната средба со премиерот Зоран Заев.

Бутикофер кој е во посета на Македонија на покана на сестринската партија ДОМ, изрази поддршка за работата на ова партија и ја поздрави храброста на премиерот Заев во однос на напорите за деблокирањето на процесот на евроинтеграциите со постигнување на договорот за името. 

- Насетив нов пристап во Брисел и во престолнината на мојата земја, во Германија, во Берлин, ново чувство на отвореност и на одговорност во однос на неопходноста за конечно приклучување на Балканот кон ЕУ. Тоа секако нема да се случи многу брзо, но треба да ја зграбите можноста, вели Бутикофер.

Осврнувајќи се на придобивките од членството во ЕУ, тој како една од најголемите го посочи запирањето на процесот на заминување на младите од земјата, која е една од земјите која губи висок дел од нејзината младина.

- Младите луѓе заминуваат во други делови од Европа бидејќи немаат надеж за иднината на земјата и за нивната сопстевна иднина, а тоа може да се спречи. Ако Македонија стане членка на ЕУ вие можете да бидете успешни во Скопје, исто како и во Берлин или Париз, бидејќи не сте изолирани, туку сте дел од семејството. Тоа е можеби најдобрата работа која може да произлезе од овој процес, кој исто така, покажува дека не мора да одлучувате да бидете Македонец и да одите во Европа. Ќе можете да бидете горди Македонци ако успеете да станете составен дел од Европа, рече Бутикофер.

Тој при тоа укажа на искуствата од придобивките на Полска, Словачка, од членството во ЕУ, како и на обостраните придобивки од пристапувањето на Македонија во Унијата.

Според претседателката на ДОМ Лилјана Поповска, несомнено е дека влезот на Македонија во ЕУ е посакувано од огромното мнозинство граѓани и тоа не е случајно, затоа што вели, независно од внатрешните проблеми што ги има ЕУ и сите несовршености, таа е сепак најпрогресивната организациона структура во светот со највисоки стандарди за демократија, за човекови права за животна средина. Таа го искажа и партискиот став за поддршка на референдумот.

- Референдумот, како непосредна директна демократија, не смее да се пропушти. Тоа е шанса за секого да го искаже својот став. Доколку не го стори тоа неговиот став ќе биде непознат, невидлив. Само искажан став на референдум ќе се брои и затоа мислам тоа е шанса што не смее да се пропушти, рече Поповска. вг/сд/15:31

###

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Мозаик

„Хет трик“: Фудбалер за само шест недели доби деца од три жени

Напаѓачот на англискиот фудбалски клуб Стоук Сити,...

Доделена „Алтернативната Нобелова награда"

Наградата „Правилно живеење", позната и како „Алте...

Тревога во Бакингемската палата поради приврзок за клучеви

Мажот кој вчера беше уапсен кај Бакингемската пала...

Многу мажи по сексот чувствуваат емотивна празнина

Дури 40 отсто од мажите по сексот чувствуваат емот...

НАСА откри две нови планети

Само пет месеци по поставувањето во земјината орби...