• A-
  • A
  • A+
петок, 21 септември 2018, 

За ЕУ и САД референдумот избор меѓу иднина и изолација

За ЕУ и САД референдумот избор меѓу иднина и изолација

Скопје, 23 август 2018 (МИА) - Пропуштање на единствената шанса за напредок, изолација, стагнација и национализам или перспектива и евроинтеграциска иднина со конкретни бенефити како владеење на правото, атрактивност за странските инвеститори, повеќе и подобри работни места. Ова се двата концепта меѓу кои, според високите претставници на ЕУ и САД, ќе треба да изберат македонските граѓани на претстојниот референдум закажан за 30 септември.

САД дава недвосмислена поддршка и очекува успешност на референдумот. На иста линија е и Европската унија.

Заев и Меркел

- Референдумот е врвен демократски чин и одраз на определбата на граѓаните за иднината на државата, беше заклучокот од вчерашниот телефонски разговор меѓу германската канцеларка Ангела Меркел и премиерот Зоран Заев.  

Пораката, пак, на еврокомесарот за проширување Јоханес Хан е македонските граѓани да го искористат правото на глас за да ја обликуваат сопствената иднина и иднината на државата. 

- Изборот е меѓу држење до стари националистички концепти и прифаќање на иднината на земјата со реформи и интеграција во ЕУ и НАТО. На граѓаните е да одлучат дали оваа перспектива со сите нејзини конкретни бенефити ќе се материјализира или не, рече Хан во изјава за МИА. 

Хан

Според него, правото на глас е важен демократски напредок кој треба да биде поддржан преку активно учество, а за навистина да се искористи тоа право, граѓаните треба внимателно да ги анализираат мотивите позади кампањите и последиците од гласот „за“ или гласот „против“.

- Одржувањето референдум значи дека им се дава моќ на граѓаните да донесат одлука за Договорот со далекусежни последици за нивната земја и за сопствената иднина, истакна еврокомесарот, изразувајќи жалење што во мигови кога е потребно национално единство за да се прифати напредокот, се уште има актери кои повеќе сакаат опструкција, отколку конструктивна работа во интерес на иднината на земјата. 

Европратеникот Рајнхард Бутикофер на вчерашната средба со премиерот Зоран Заев изрази надеж дека народот на Македонија ќе ја искористи можноста на референдумот да гласа за иднината на земјата. Воедно порача дека референдумот е од клучна важност не само за иднината на Македонија, туку и за иднината на регионот и на ЕУ.

- За едно толку важно прашање должност на секој граѓанин е да гласа. Тоа е многу важно и тоа е суштината на демократијата. Можете да не се согласувате по многу прашања, но не смеете да имате несогласувања по однос на поддршка на одлуката за иднината на земјата, потенцира Бутикофер.

Димитров Мичел

Нарекувајќи го историски Договорот што го постигнаа Македонија и Грција, државниот секретар на САД за Европа и Евроазија Вес Мичел на вчерашната средба со шефот на македонската дипломатија во Вашингтон посака и рече дека очекува успешен референдум. 

- Сакам да му честитам на министерот Димитров за историскиот договор што Македонија и Грција го постигнаа во Преспа и знам дека министерот Димитров одигра лична улога во тоа како архитект на овој Договор. САД силно го поддржуваат Договорот од Преспа. Ја цениме улогата која министерот Димитров ја има и очекуваме успешен референдум на 30 септември. Секретарот Помпео денес многу силно го поддржа овој напор и јасно му кажа на министерот Димитров дека САД очекуваат Македонија да стане 30-та членка на НАТО, рече Мичел.

Став околу претстојниот референдум изнесе и Душан Јањиќ, еден од најпознатите српски аналитичари, оснoвач и претседател на Форумот за етнички односи во Белград, во интервју за МИА. Вели дека самиот факт што се оди на референдум со кој ќе се донесат низа одлуки со кои ќе се потврди или отфрли клучното решение околу името, зборува дека Македонија е на патот на стабилизација.

- Сите оние очекувања, реалните закани дека Македонија ќе се заглави во некои 10 до 15 години на политички и социјални судири, не се остварија. И тоа е многу важно, нагласува Јањиќ.

За него, излезеноста на референдумот е работа на мотивација на партиите и на граѓаните.

- Граѓаните без сомнение сакаат мир, стабилност,  сакаат да живеат подобро. Кога Македонија ќе влезе во клубот на ЕУ и на НАТО, тоа ќе значи и дека граѓаните помалку ќе бегаат од себе-кон себе. Едно е кога патувате како рамноправен член на држава што е во ЕУ и статусно и според платите. Тоа е прво, а второ е НАТО. Македонија веќе ја доби поканата за НАТО и затоа е важен резултатот од референдумот, за целата процедура да се приведе до крај. Влезот во НАТО значи влез во еден поширок систем на стабилност, подвлекува српскиот аналитичар.

Референдумот е закажан за 30 септември годинава и на него граѓаните треба да се изјаснат дали се за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот меѓу Република Македонија и Република Грција. мч/са/07:34

###

 

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ