Шефот на албанската дипломатија посакува успешен референдум

Шефот на албанската дипломатија посакува успешен референдум

Тирана, 25 август 2018 (МИА) - Албанскиот министер за надворешни работи и за Европа Дитмир Бушати, во интервју за тиранскиот весник „Панорама“ посакува успешен референдум на 30 септември што, според него, е „шанса за напредок на земјата“.

Посочи дека Албанија березервно го подржувала дијалогот меѓу Атина и Скопје, а истовремено поттикнала кохезија на албанскиот политички фактор за да биде протагонист во трансформациските промени кои му „овозможуваат на Скопје да напредува во процесот за членство во евроатланските структури.

Бушати во интервјуто веќе не нарекува Северна Македонија и најчесто го употребува Скопје кога станува збор за земјава.

- Посакуваме на референдумот на 30 септември граѓаните да го поддржат штотуку почнатиот мировен процес. Нашиот сосед пред себе има неповторлива можност. Во тој процес, улогата на Албанците е одлучувачка. Демократската стабилност, меѓуетничкото разбирање и членството на Северна Македонија во НАТО се во интерес на Албанците. Одржувањето на долгогодишниот конфликт во врска со спорот за името со Грција или кој било друг алтернативен проект што создава празнини, преку кои трети страни може да навлезат во Скопје и во регионот, не е во интерес на Албанците. Исполнувањето на обврските што произлегуваат од овој процес има посебно значење за самиот западен Балкан, трансформирајќи го во поголем безбедносен простор, смета Бушати.

Новинарот констатира дека пред две години премиерот Еди Рама бил критикуван заради мешање во внатрешните работи на Македонија, откако го поттикна објавувањето на „тиранската платформа“.

Констатцијата ја продолжува и со прашањето кој е придонесот на официјална Тирана во промените кои следуваа во Македонија, на што Бушати тврди дека никогаш Албанија не се мешала во внатрешните работи на соседите.

- Во ниту еден случај и во никакви околности, Владата на премиерот Рама не си дозволила на самата себе си да се меша во внатрешните работи на соседите. Начелно сме ги третирале драматичните случувања во Скопје, влошувањето на демократските стандарди и тенденцијата во изминатите години, да се прикажат Албанците како деструктивен фактор и радикални исламисти. Секогаш сме биле заинтересирани за демократска стабилност и напредок на нашите соседи и во нивните најтешки денови, одговара Бушати.

Секако, посочува, ќе продолжате да работат на зајакнување на политичката и социјалната кохезија на Албанците таму, како фундаментална гаранција за европска држава.

- Со Владата на Заев, се преземени неколку чекори напред на билатерален план што претходно не можеше да се замисли. Сега веќе постои механизам за заеднички состаноци меѓу двете влади, инициран во Поградец, кој го разгледува напредокот на нашите односи како на политичкиот план така и во однос на заедничката развојна перспектива на прекуграничните заедници, и пошироко нашите граѓани, вели Бушати.

Нагласува оти го радува фактот што меѓуетничката клима е подобрена, иако стои потребата да се имплементира концептот на еднаквост меѓу Македонците и Албанците како две главни државотворни заедници.

- Се разбира, главната улога во унапредувањето на статусот ја имаат албанските политички субјекти и самите Албанци. Но, сметаме дека унапредувањето на статусот на Албанците е приоритетно прашање од национален интерес. Така, ние ќе продолжиме да се ангажираме за почитување на права и идентитет на Албанците таму, заклучува шефот на албанската дипломатија Дитмир Бушати во интервју за весникот „Панорама“. вт/нд/18:05

###

 

 

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ