Попов: Успехот на референдумот е аргумент повеќе дека не се исплатуваат замрзнати конфликти

Попов: Успехот на референдумот е аргумент повеќе дека не се исплатуваат замрзнати конфликти

Белград, 31 август 2018 (МИА) -  Познатиот српски политолог и аналитичар Алекандар Попов е директор на невладината организација „Центар за регионализам“ од Нови Сад, чиј основен фокус е демократизацијата и децентрализацијата, заштита на малцинските права, како и воспоставување на регионалната соработка. Еден е од основачите и на „Игманската иницијатива“. Попов, кој е познат по своите кратки, концизни и промислени одговори во Нови Сад даде интервју за МИА за актуелните случувања во Македонија, со посдбен акцент на престојниот референдум.

Попов смета дека Договорот меѓу Зоран Заев и Алексис Ципрас е вистински историски настан, бидејќи покажа дека во регионот постојат и одговорни државници и покрај големиот ризик по нивниот рејтинг

- Ова е единствената шанса ВМРО-ДПМНЕ барем малку да ја намали штетата која и ја нанесе на Македонија и на сопствениот народ, поради недостаток на добра желба да изнајде компромисно решение со Грција за името, ускратувајќи им ја при тоа нивната европска перспектива, оценува Попов.

Тој смета дека доколку референдумот успее, а се надева дека ќе успее, за прв пат по распаѓањето на поранешна Југославија ќе се покаже дека лошите сценарија не мора секогаш да преовладуваат во односите помеѓу земјите од регионот.

Алексанадр Попов Нови Сад

Господине Попов, кој е Вашиот став во врска со референдумот за зачленување на Република Македонија во ЕУ и НАТО, што е поврзан со промена на името, согласно договорот со Грција?

Во нашиот регион многу настани на политичарите се прогласуваат за историски (на пр. средбите на врвот и потпишувањето на одредени декларации), по што од сите тие договори или рализација на свечано потпишаните декларации набргу се утврдува дека нема ништо и дека сето тоа е најобичен маркетинг на домашните политичари, бидејќи набргу следи и заладување на односите помеѓу засегнатите земји.

Меѓутоа, договорот меѓу премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас е вистински историски настан, бидејќи покажа дека во регионот постојат и одговорни државници, кои и покрај големиот ризик по нивниот рејтинг во бирачкото тело, носат тешки и далекусежни одлуки.

Договорот меѓу Македонија и Грција за нејзиното име, за Македонија е од судбинско значење, бидејќи земјата конечно ја извлече од повеќедецениската заглавеност на патот кон Европската Унија. Направен е огромен исчекор од состојбата која беше блиску до граѓанска војна, до јасна европска перспектива и вклучување на земјата според европските стандарди, што може да донесе голема добит за македонските граѓани, особено за младите, кои во тоа може да ја видат својата шанса, иднината да ја градат во својата земја и таа земја да ја градат како демократска и просперитетна држава.

Секако, според македонскиот Устав постои обврска ставот за едно толку важно прашање, како што е името на земјата, да се потврди и на референдум и сега на граѓаните е да дадат подршка за договорт на своите лидери кои покажаа државничка мудрост и храброст, или со неизлезеност на референдумот, како и со мнозинското не, самите да си ја оневозможат подобрата иднина и иднината на своите потомци.

Оделни партии и групи во Македонија вршат опструкции и ги повикуваат граѓаните на бојкот. Опозиционата ВМРО-ДПМНЕ се уште не се изјасни, но и нејзини членови повикуваат на бојкот. Кој е Вашиот став за ова?

И покрај тоа што до одржување на референдумот остана релативно малку време, владечките партии, како и протагонистите на цивилното општество, треба да ги искористат сите можни средства, пред се медиумите и социјалните интернет мрежи за да им го објаснат на граѓаните значењето на договорот за името постигнат со Грција и дека е се до нив, дека до граѓаните е да не си ја прокоцкаат оваа последна шанса да се качат на европскиот воз.

На ова поле не е доволна само вообичаена политичка пропаганда, туку треба да се направи јасна анализа, која со егзактни податоци на граѓаните би им го укажала сето она што би го добиле доколку го искористат договорот со Грција околу името, со кој се остваруваат долгорочните интереси. Тоа секако е стабилноста и економскиот просперитет,  до кој се доаѓа преку отварање јасна европска перспектива, како и тоа што би загубиле доколку ја испуштат оваа шанса.

Така, пролетва, белградската канцеларија на Фондацијата за отворено општество ги објави резултатите од истражувањето на групата експерти, кои многу пластично и преку егзактни податоци укажуваат дека Србија во случај на одржување на состојбата на замрзнат конфликт со Косово, долгорочно би имала огромни штети по националната економија и несогледливи губитоци по бројот на жители. Со овие аргументи често се користи и претседателот Александар Вучиќ кога објаснува зошто е важно договорот со Приштина да излезе од сегашната состојба на замрзнатиот конфликт.

Што се однесува до ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот можен повик за бојкот на референдумот, владеачката коалиција треба констатно пред јавноста да ја повикува оваа опозициона партија тоа да не го прави. Ова е единствената шанса ВМРО-ДПМНЕ барем малку да ја намали штетата што и ја нанесе на Македонија и на сопствениот народ, поради недостаток на добра желба да изнајде компромисно решение со Грција за името, ускратувајќи им ја при тоа нивната европска перспектива и сите бенефити кои овој чин ги донесува. Мислам дека со таков проактивен став, владеачката коалиција би можела да ги убеди мнозинството Македонци да излезат на референдум и да го подржат договорот кој им ја отвара вратата на Европската Унија и на НАТО.

Господине Попов, кои се Вашите очекувања од референдумот и дали тој ќе има ефекти во регионот?

Алексанадр Попов

Доколку референдумот успее, а се надевам дека ќе успее, за прв пат по распаѓањето на поранешна Југославија ќе се покаже дека лошите сценарија не мора секогаш да преовладуваат во односите помеѓу земјите од регионот. Исто така ќе се покаже дека е појавена нова млада генерација на политичари, кои имаат државнички капацитет, кој подразбира храброст во преземањето чекори, што се ризични по нивниот рејтинг и можат да преземат одговорност за исходот од она што го почнале. Ова е охрабрувачки пример и за решавање на Косовскиот проблем и аргумент повеќе кон констатацијата дека не се исплатуваат замрзнати конфликти. Ова важи и за Босна и Херцеговина, од која политичарите со државнички капацитет би можеле да направат просперитетна држава, наместо да манипулираат со националните чуства на нивните граѓани и со она што се случуваше во блиското минато. Затоа БиХ се повеќе тоне како хронично болен пациент и буре барут на Балканот.

Оливер Бранковиќ

 

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ