• A-
  • A
  • A+
петок, 21 септември 2018, 

Димитров: Единствената одржлива визија за стабилен Балкан е европската

Димитров: Единствената одржлива визија за стабилен Балкан е европската

Скопје, 31 август 2018 (МИА) - Министерот за надворешни работи Никола Димитров учествуваше на неформалниот состанок на министрите за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ и земјите-кандидати за членство во ЕУ, кој се одржа во Виена.

Димитров на состанокот присуствува на покана на високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Федерика Могерини и министерката за Европа, интеграција и надворешни работи на Австрија Карин Кнајсл, во својство на земја претседавач со Советот на ЕУ, денеска 

Како што соопшти МНР, дискусиите на сесијата биле фокусирани на прашања поврзани со ефективниот мултилатерализам, како еден од приоритетите на Австриското претседателство со Советот на ЕУ и Глобалната стратегија за надворешната и безбедносна политика на ЕУ.

Димитров состанок Виена

Димитров, како што соопшти МНР, ги поздравил заложбите на Австриското претседателство за приближување на земјите од регионот со ЕУ преку процесот на проширувањето, како стратешка инвестиција во мирот, демократијата, просперитетот, безбедноста и стабилноста во Европа.

- Единствената одржлива визија за стабилен Балкан е европската - сите ние работиме на демократски реформи и реформи во владеењето на правото со цел да ја споделиме европската иднина без граници. Време е за нас во регионот и државите - членки да забрзаме напред, рече Димитров. 

Во однос на темата на сесијата, „Ефективниот мултилатерализам”, министерот нагласил дека наместо затворање и свртување кон себе, потребна е засилена соработка меѓу државите со цел успешно справување со зголемените предизвици во светот.

Димитров потоа учествуваше и на неформалниот работен ручек на министрите за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ со министрите за надворешни работи на земјите од Југоисточна Европа и Труција. Ручекот организиран од Австриското претседателство бил посветен на темата „Инфраструктура и дигитално поврзување“.

Димитров вчера присуствуваше и на приемот кој за учесниците на неформалниот состанок го приредил австрискиот претседател Александер ван дер Белен.

За време на настанот Димитров, како што соопшти МНР, имал разговори со свои колеги и други високи учесници и тоа од Албанија, Бугарија, Грција, Ирска, Луксемург, Турција, Црна Гора, Шведска, како и со Могерини и еврокомесарот за проширување Јоханес Хан. ев/сд/15:52

###

 

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ