• A-
  • A
  • A+
петок, 21 септември 2018, 

Димитров: Убеден сум дека референдумот ќе успее

Димитров: Убеден сум дека референдумот ќе успее

Скопје, 3 септември 2018 (МИА) – Убеден сум дека референдумот ќе успее, бидејќи ние секогаш кога имаме крупна историска раскрсница избираме мудро и мислам дека така ќе биде и во овој случај, изјави денеска министерот за надворешни работи Никола Димитров на  тркалезната маса „Евроатлантска иднина за Македонија?".

Референдумот, како што посочи тој, е политичка легитимација на правецот по кој ние мислиме дека треба да одиме.

- Решивме храбро, искрено и отворено да им погледнеме во очи на проблемите. Успеавме да затвориме еден спор што не влече назад три децении и да ги отвориме вратите кон иднината. Се работи за нашата стабилност и безбедност, за нашата финансиска благосостојба и за пристап до најдобрата алатка за реформа што постои, а тоа се пристапните преговори со ЕУ. Решението е тука, до сите нас како граѓани е да одлучиме дали ќе одиме напред кон иднината и интеграциите или ќе одиме назад кон изолација, рече Димитров и додаде дека нема друга алтернатива за патот напред.

Многу важно е, како што истакна министерот, што успеавме во овој компромис да го сочуваме она што ни е најважно, а тоа е идентитетот и идентитетските прашања.

На прашање дали може да се очекуваат нови избори доколку договорот не добие поддршка, Димитров рече дека сето тоа е второстепено во однос на одлуката што треба да се донесе на референдумот.

- Мислам дека од аспект на влогот што го имаме со референдумот се друго е многу маргинално. Изборите имаат врска со партии кој е на власт, кој е во опозиција, а пред нас е едно многу важно прашање кое е за иднината на Македонија и за иднината на сите нас, рече Димитров.

Во однос на тоа што опозицијата не го соопштува својот став околу референдумот, Димитров рече дека историските одлуки бараат чесен однос кон граѓаните и одговорност.

- Не сите граѓани можат да проценат геополитички во каква состојба е Балканот и кои се можните компликации ако ние не успееме и ако се вратиме во чекалната и што ќе биде со Македонија за пет или 10 години од денес, истакна Димитров.

Тркалезната маса е во организација на Институтот за европска политика, Институтот за демократија „Социетас цивилис" и Центарот за економски анализи, а во соработка со Аспен институтот од Берлин. бак/сд/16:21

###

 

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ