Коѕијас: Груевски глумел дека сака решение за името

Коѕијас: Груевски глумел дека сака решение за името

Атина, 3 септември 2018 (МИА) - Поранешниот македонски премиер Никола Груевски глумел дека сака решение на спорот за името, изјави шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас, реагирајќи на информациите што ги објави Викиликс дека македонските власти уште во 2008 година прифатиле промена на името.

- Познато е дека Груевски не сакаше било какво решение на спорот за името. Со цел да ја измами меѓународната заедница тој се претвораше дека ќе потклекне на притисокот за да прифати компромис. Никој не му веруваше, освен, ако се потсетиме, господинот Мицотакис, вели Коѕијас.

Се огласи и Мицотакис, кој објавата на Викиликс ја нарече трагична.

- Денес од Викиликс дознаваме дека Скопје во 2008 година барало државата да се преименува во „Северна Македонија“, а нивните луѓе да се нарекуваат „Македонци“, кои наводно зборуваат „македонски јазик“. Тоа на најтрагичен начин го потврдува она што со месеци го кажувам - дека премиерот Ципрас, министерот за одбрана Каменос, и Коѕијас сакаат да го претстават овој исклучително штетен договор за Грција за успех, што ги задоволи барањата на Скопје, изјави Мицотакис.

Тој повтори дека Нова демократија нема да гласа за ратификација на договорот во грчкиот Парламент.са/сд/08:16

###




Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ