Комерсант: Резултатите од референдумот во Македонија ја определуваат новата геополитика во регионот

Комерсант: Резултатите од референдумот во Македонија ја определуваат новата геополитика во регионот

Белград, 4 септември 2018 (МИА) - Резутатите од референдумот во Македонија за името на таа земја нема да ја одредат само судбината на македонско-грчкиот договор, туку и нејзиното членство во НАТО и во ЕУ, пишува московски „Комерсант“. Весникот во денешниот текст заклучува дека резултатите од референдумот ќе ја определат и новата геополитичка распределба во регионот.

Дневникот потсетува дека Скопје на јулскиот Самит на НАТО доби покана за влез во Алијансата, со услов да се реши спорот за името со Грција, а еден месец пред тоа, лидерите на ЕУ се изјаснија дека преговорите со Македонија за членство во Унијата ќе започнат во 2019 година, со истиот услов.

Наведувајќи дека прашањето за референдумот ќе гласи „Дали го поддржувате членството во ЕУ и НАТО, прифаќајќи го договорот меѓу Македонија и Грција", Комерсант проценува дека властите всушност им предложија на граѓаните да ја потврдат приврзаноста кон ЕУ и НАТО, со согласност за промена на името на земјата.

Комерсант пишува дека за рускиот фактор почнало сериозно да се размислува, откако властите во Скопје ги обвинија бизнисмените од Русија за финансирање на антивладините протести против договорот со Грција.

- Москва не го крие негативниот став кон договорот Атина-Скопје за новото име на Македонија. Според портпаролката на Министерството за надворешни работи на Русија, Марија Захара, договорот е далеку од интересите на зајакнување на мирот и безбедноста на Балканот и служи исклучиво како инструмент за забрзување на пристапот на Македонија во НАТО, пишува Комерсант.

Комерсант додава дека многу македонски политичари и балкански експерти сметаат дека евентуалниот неуспех на референдумот во Македонија и пропаѓање на договорот со Грција, може да доведе до дестабилизацијата на Балканот. об/вј/17:26

###

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ