• A-
  • A
  • A+
четврток, 20 септември 2018, 

Димитров во Кавадарци: Светот виде дека Македонија сака да ја биде

Димитров во Кавадарци: Светот виде дека Македонија сака да ја биде

Кавадарци, 9 септември 2018 (МИА) - Цела оваа огромна меѓународна поддршка се должи на тоа што светот виде дека Македонија сака да ја биде. Решава проблеми и решена е да оди напред. Ова го изјави денеска од Кавадарци, министерот за надворешни работи Никола Димитров.

- Ова е втора шанса на нашата генерација. Не верувам дека ќе имаме трета шанса. Да го заокружиме тоа што ни остана незавршено кога влеговме во Обединетите нации, нашата државност, да влеземе во НАТО, Македонија да остане во овие граници, да имаме повеќе инвестиции, бизнисите да се натпреваруваат, мора да се издигнеме. Европската унија е исто така многу важна, сакаме да бидеме дел од тоа семејство. Сето тоа го правиме на начин кој го чува и афирмира тоа што ни е најважно. Ние сме Македонци, зборуваме македонски јазик, решаваме еден тежок проблем, додаде министерот.

На некој начин ова е продолжение на првиот референдум, рече тој, нагласувајќи дека многу е важно што ќе им оставиме во наследство на идните генерации.

Многу е важно, додаде, да не се вратиме назад во самотијата и несогурноста.

- Имаме една многу патриотска должност на 30 септември. Бидејќи нашиот народ на историски раскрсници секогаш знае мудро да одлучи, овојпат повторно ќе одлучи мудро. Важно е да се знае дека од нас зависи. И дека само тие што гласаат, можат да одлучат за сопствената иднина. Да си ја преземеме одговорноста, од нас зависи каква Македонија ќе имаме, порача Димитров од Кавадарци.

Тој потсети дека високите меѓународни претставници доаѓаат со пораки дека ја поздравуваат историската храброст, бидејќи ова не е само интерес на Македонија, туку и на Балканот и пошироко бидејќи сите сакаат стабилен Балкан. 

- Ако сакаме да си ги задржиме нашите млади, мора Македонија да ја направиме европска. Мора да го покачиме стандардот. И мора да си ја подсредиме државата. Тоа е нашата иднина, дециден беше Димитров.

Потсети дека претходно многу време било изгубено во несигурности, неспособност и бегање од одговорност. Нагласи дека нема повеќе време за губење.

Проблем е и неодговорност, рече тој, немањето став по прашањето за референдумот од опозицијата. Иако, како што нагласи, од тоа зависи иднината на Македонија.

- Многу повеќе треба да се мисли на државата отколку на нашите лични кариери и на партиските интереси. Повеќе одговорност, искреност и чесност, апелираше тој, повторувајќи дека Договорот со Грција не е штетен за Македонија и дека народот во земјава треба да покаже заедништво на претстојниот референдум.

Димитров имаше средби со граѓани во Кавадарци, а беше и на прием во општинската зграда, кој беше организиран од страна на градоначалникот на општина Кавадарци, Митко Јанчев, во рамки на традиционалната манифестација „Тиквешки гроздобер”. На приемот беа и евроамбасадорот Самуел Жбогар, претседателот Ѓорге Иванов, амбасадори, пратеници и други гости. Во тек е карневалското дефиле низ централното градско подрачје. ем/рп/14:13

###

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ