МАНУ ќе се консултира околу можноста да не го смени името (видео)

МАНУ ќе се консултира околу можноста да не го смени името (видео)

Скопје, 11 септември 2018 (МИА) - Македонската академија на науките и уметностите ќе има консултации со експерти со цел да се утврди дали постои можност за поголема флексибилност во однос на прашањето за преименување на оваа институција во согласност со одредбите од Договорот од Преспа.

Во членот 1 од Договорот се наведува дека придавката во однос на државата, нејзините службени органи и други јавни институции ќе биде во согласност со официјалното име на втората страна или со нејзиното скратено име, односно „на Република Северна Македонија“ или „на Северна Македонија“.

Други употреби на придавката, вклучително и употребата на придавката во однос на приватни ентитети и актери, кои не се поврзани со државата и јавните ентитети, кои не се основани со закон и не добиваат финансиска поддршка од државата за активности надвор од државата, можат да бидат во согласност со членот 7.

Академик Владо Камбовски во разговор со новинарите по завршувањето на првиот дел од научната расправа „Спогодбата од Преспа: меѓународно значење и импликација врз евроатлантските интеграции на Република Македонија“ нагласи оти во Договорот јасно се дефинира каде се користи придавката. 

- Таа се користи за јавните институции, чиј поим е доста широко определен, кои вршат јавни функции, но и јавните институции во сферата на културата, образованието, науката. Ова останува евентуално предмет за натамошни разговори во духот на едно бона фиде толкување на таа одредба во однос на инстиуции што се во независната сфера на општеството како МАНУ, поради нивното брендирање во светската, научната и културната јавност. Да можат да го задржат тоа име и придавката македонски, рече Камбовски, нагласувајќи оти за ова прашање ќе се разговара со други научни академии. 

Претседателот на МАНУ, Таки Фити, истакна дека Академијата е буџетска институција, но не комплетно. Некои од средствата се од научни проекти.

- Од самото наше формирање како академија имаме извонредно голема самостојност и во поглед на вработување и во поглед на научни објекти и заради тоа можеме да се надеваме на флексибилност да се размисли доколку ова може да се реши бона фиде. Но што и да се случи не ја намалува нашата убеденост за успешното решавање на идентитетските прашања, рече Фити.

На прашањето дали МАНУ ги фаворизира оние што се за Договорот, наспроти оние што се против него или што ќе го бојкотираат претстојниот референдум, Фити рече дека ова е научна расправа.

- Викнавме претставници од Владата, кои требаше да покажат колку беа значајни и тешки преговорите што се водеа, но сега претстои научната расправа. Сите академици се повикани и можат да учествуваат во дискусијата на оваа научна расправа. Има различни погледи, сфаќања, нека ги кажат и научно нека ги аргументираат. Крајно сме толерантни кон разликите. Јас лично мислам дека договорот е важен и добар. Постигнато е она што беше релеватно за МАНУ - тоа се идентитетските прашања, јазикот, нацијата, културата и тоа се економските придобивките што РМ ќе ги има од склучувањето на договорот, појасни Фити.

Во вториот дел од расправата „Толкување на спогодбата и нејзините импликации“ обраќања имаат академици, професори, а во салата влегоа и претставници на иницијативата Бојкотирам. ац/са/13:45

###

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ