Матис и Мичел доаѓаат во Македонија за поддршка на референдумот

Матис и Мичел доаѓаат во Македонија за поддршка на референдумот

Вашингтон, 12 септември 2018 (МИА) - Американскиот секретар за одбрана Џејмс Матис најави дека претстојниот викенд ќе ја посети Македонија за да изрази јасна поддршка за претстојниот референдум за прашањето за името, но и загриженост поради можното мешање на Москва во процесот.

- Ќе одам да ги посетам нашите македонски пријатели и јасно ќе ставам до знаење дека САД го поддржуваат македонскиот народ, рече Матис во изјава за новинарите во Пентагон.

Матис истакна дека е загрижен дека Русија би можела да се обиде да се вмеша во референдумскиот процес во Македонија. 

- Ако имате гласање, Москва ќе се меша. Јас сум загрижен за тоа.  Такво мешање Русија практикуваше од Естонија до Соединетите Американски Држави, од Украина и сега до Македонија, секогаш се приспособува на конкретната ситуација, рече американскиот секретар за одбрана.

Џејмс Матис е вториот висок американски претставник што неделава доаѓа во Македонија за да искаже поддршка за успешен референдум.

Заев и Мичел

Во Скопје утре ќе престојува помошник-државниот секретар за Европа и Евроазија, Вес Мичел. Тој ќе има средби со македонскиот премиер Зоран Заев и со други официјални претставници за поддршка на Договорот од Преспа меѓу Македонија и Грција и претстојниот референдум на 30 септември, соопшти Стејт департментот. 

Мичел во Скопје ќе има средби и со претставници на парламентарните партии и на бизнис-заедницата, со кои ќе размени мислења и ќе ја нагласи американската поддршка за приклучувањето на Македонија во западното семејство, се наведува во соопштението.са/08:11

###

 

 

 

 

 

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ