Обичаи и верувања

30 август 2018

Стари записи 

Спомени го Господи, со гревови богатиот и слобоумен тах дијак Димитар, кој ја напиша оваа книга.
Вечна (да им биде) паметта и на поп кир Никола и на неговите родители, бидејќи тој се потруди околу книгава.
Оваа божествена книга се напиша во 1393 година, во деновите во кои по Божјо попуштање, а заради нашите гревови бевме предадени во рацете на беззакони и одвратни непријатели, и на царот на неправдата, најлукавиот меѓу сите цареви земни. И тогаш настана запустеност и голема скрб поради безбожните измачители, какви што не биле, ниту ќе бидат.
Слепченски триод, 1393 година.
*
Во 1395 година војуваа Турците против Власите. Тогаш Константин и Марко Кралевич загинаа.
Житие, сопственост на Д. Вуксан.
*
Слава на извршителот Бог, амин. По волјата на Таткото и со помошта на Синот и извршувањето на Светиот Дух, се започна ис е заврши оваа книга во годините и во деновите на превосокиот и светороден крал Стефан, и владетелот на целата Овлеполска област големиот војвода Оливер, во Злетовскиот крај во местото наречено Лесново во манастирот на големиот военачалник на вишите сили срхистратигот Михаил, крај гробот на преподобниот отец Гаврил, чијшто (манастир) големиот војвода Оливер го соѕида од темели и откако го заврши и зографиса, сос екакви убавини го украси: златни и сребрени садови, а ги опкова и големите икони со сребро и злато, како што е редно домот Божји да се украсува; му даде (на манастирот) села и методи, пасишта и ливади, и гори: поради милоста кралска се утврдија сите синори и се зџапишаа во хрисовул со златен печат, кој беше предаден во Света Гора на (манастирот) Света Богородица Хилендарска, со сите потврди.
Оваа книга се напиша во 1342 година, кога царуваше нашиот Господ кир Христос (?!), при игуменот Теодосиј, во втората година од завршувањето на храмот (посветен) на архистратигот Михаил, по заповед на господарот велик војвода Оливер од раката на многугрешниот Станислав. Затоа ви се молам, господо, и отци, и служители од секој црковен чин, поправајќи пејте и читајте, а ако во некој збор сум погрешил, простете, а не колнете, бидејќи никој христијанин не се радува на грешката, туку грешката неволно доаѓа; затоа простете, а вас Бог да прости во овој век и во идниот. Бог да ја прости неговата сопруга госпоѓа Анна Мара и нивните деца. Бог да го прости егуменот Теодосиј со сите браќа. Бог да ги прости сите служители, кои праведно работеа за овој свет храм. Бог да го прости сиот христијански свет; простете ме и мене.
Оливеров минеј, 1342 год.
*
По волја на таткото, со помош на Синот и извршувањето на Светиот Дух се напиша книгава, наречена Свети Ефрем, во Злетовската земја, во местото наречено лесново, во манастирот на Светиот архистратег Михаил, во времето на благоверниот и христољубив бугарски цар Јоан Александар и на благоверниот и христољубив и свети цар Стефан, на српските и на грчките земји и на великиот деспот Оливер, ктитор на овој храм, и при преосвештениот архиереј на таа земја кир Арсениј којшто ми заповеда на мојата вредност Тахота монах да ја напишам книгава. Затоа отци и браќа не ми се озмаздувајте со клетви, но подобро благ збор кажете за мене пред Господа, нашиот спасител, секој од вас штос е смета за простосмртен, та и јас да ги избегнам вечните маки заедно со вас, бидејќи не бев писец, туку по наредба на мојот господар епископ Арсениј ја напишав книгава во годината 6861 (=1352/3), индикт 6. Бог да прости и во идните векови, амин.
Лесновски паренезис, 1353 год.
*
Совети и поуки на Светиот и блажен наш отец Ефрем кон ваше богољубие; се потрудив да ги напишам јас монах Никодим, наречен Кр’пат’к, за да ни биде од полза и за утврдување, амин.
1353 година, индикт 6.
Вечна ти памет, чесни отче Никодиме, брате протосингеле на двајца архиепископи – господин Никола и господин Григориј.
Моли се ти, отче на отците, за мене грешниот Никодим. Ах!
О горко на мене грешниот Никодим, затоа што го изгубив доброто однесување (доброто постење?). Каде ќе се покажам јас, окаениот!
Помоли се за мене, оти, отче добри, за грешниот Никодим. Ах!
Паренезис на Ефрем Сирин, 1353 год.
*
Овој апостол се напиша во деновите на благородниот цар Урош ... крал... под многугрешниот еромонах Варлаам во 1362 година.
Варлаамов апостол, 1362 год.
*Слава на извршителот Христос ... амин. Пишуваше грешниот дијак Никола во 1370 год.
Пролог за март-август, 1370 год.
*
Во 1392 година, кога Турците го презедоа Скопје, месец јануари, шести ден.
Цветен триод, 14 век.
*
Во 1463 година ја зазеде царот Мехмед Бег цела Босна и доаѓаше во манастирот Сарандапор на Крива Река. Тогаш тој го фати и го закла босанскиот крал.
Сарандапорски летопис, 15 век.
*
Во 1463 година ... се помина... рилскиот егумен еромонах Јоасаф, 20 мај, во петок, во 10 часот преку денот.
Ракопис од Рилскиот манастир.
*
Во 1467 година; во таа година ги пресели цар Мохамед охриѓаните – месец октомври, 2 ден, на Свети Кипријан и Устина.
Пролог стиховен за септември-февруери 1551 година.

Од книгата „Стари записи“ од Ѓорги Поп Атанасов, Скопје 1996 г. (Подготви Марко Китевски)

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ