Сугарески: Автопатот Скопје - Блаце ќе се гради во две фази, точна сума по проектирањето

Сугарески: Автопатот Скопје - Блаце ќе се гради во две фази, точна сума по проектирањето

Скопје, 10 септември 2018 (МИА) – Јавното претпријатие за државни патишта работи на проектот за изградба на автопатот Скопје - Блаце, која би стартувала напролет следната година, а ќе се одвива во две фази, изјави денеска министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.,

Тој информира дека во првата фаза ќе се градат 1,6 километар, а паралелно ќе се допроектира преостанатиот дел од десетина километри, по што ќе се работи паралелно.

- Во согласност со одлуката на економскиот совет што ја имаме донесено, главен приоритет е Скопје – Блаце, паралелно со изградба на автопатишта низ Република Македонија, така што за очекување е наредната пролет да почне да се гради, рече Сугарески, одговарајќи на новинарски прашања во текот на посетата на општината Арачиново.

Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи неодамна изјави дека изградбата на автопатот ќе чини 100 милиони евра, но ресорниот министер истакнува дека не сака да шпекулира и оти точната сума ќе се знае кога ќе се заврши проектирањето. 

Како што рече Османи, првиот дел од автопатот ќе се финасира од ЈПДП, а преостанатиот дел со помош од Европската банка за обнова и равзој. На трасата се превдидени четири тунели и девет моста.

Владата минатата недела најави деблокирање на изградбата на автопатот Кичево - Охрид, за што Собранието изгласа анекс на договорот со кинески „Синохидро“, кој овозможува трошење на 205 милиони евра од кредитот од „Ексим банка“ за различни ставки за изградбата. Следниот месец треба да се биде објавено колку дополнително ќе чини изградбата на автопатот во должина од 57 километри, покрај првично планираните околу 400 милиони евра.

На крајот на месецов истекува рокот за завршување на изградбата на автопатската делница Миладиновци (Скопје) - Штип, долга 47 километри, за која, според ресорното министерство, е можно мало пролонгирање, за поставување сигнализација и други активности. лв/са/13:36

###

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ