• A-
  • A
  • A+
среда, 19 септември 2018, 

Св. Климент Охридски и свети Пантелејмон

Св. Климент Охридски и свети Пантелејмон

9 август 2018

Голем македонскиот и општохристијански празник

На 9 август (нс.) се празнува споменот на св. Климент Охридски кој е упокоен на овој ден 916 година. Исто така, на овој ден се празнува и споменот на светите Седмочисленици. На овој ден Светата православна црква го празнува и споменот на големиот исцелител свети Пантелејмон.

Именден празнуваат: Пантелеј, Панде, Пано, Панка, Панто,Панчо...

Големиот македонски и сесловенски просветител свети Климент Охридски Чудотворец починал на денешен ден 916 година. Но бидејќи тој и за време на својот живот именденот го празнувал на 8 декември (25 ноември с.с.) на празникот на Св. свештеномаченик Климент епископ Римски, подоцна неговиот главен празник бил поместен на овој датум, а на денешен ден се празнувал заедничкиот спомен на седумтемина рамноапостолни словенски светители познати како свети Седмочисленици (св. Кирил, Методиј, Климент, Наум, Сава, Горазд и Ангелариј). Св. Климент Охридски Чудотворец е најпознатиот ученик на светите браќа Кирил и Методиј, последен од нив починал и поради тоа денот на неговото упокојување бил земен за нивни заеднички празник.

Светиот великомаченик Пантелејмон спаѓа меѓу најпознатите исцелители што лечеле со Божја помош. Настрадал за време на царот Максимилијан кога е вршен страшен прогон на христијаните. Роден е во Никомидија во областа Витанија во Мала Азија. Најпрвин се викал Пантелеон, што значи „лав во сè“, а подоцна бил наречен Пантелејмон што значи „семилостив“. Татко му бил паганин, а мајка му христијанка, којашто од мал го воспитувала во христијански дух. Но таа умрела додека тој бил мал, а татко му го дал да го изучува лекарскиот занает кај познатиот лекар Евстрогиј кој го лекувал и царското семејство. Така младиот Пантелејмон се стекнал со симпатии и од царот Максимилијан кој од учителот барал да не го жали трудот кога се работи за образованието на младиот ученик. Така Пантелејмон со многу желба од своја страна, но и со внимание од страна на познатиот лекар го изучувал лекарскиот занает, се стекнал со многу симпатии и од пошироката средина и бргу напредувал во медицинските науки.

Пантелејмон секој ден го посетувал својот учител Евстрогиј. Патот минувал покрај една бедна куќичка во која живеел еден стар свештеник по име Ермолај. Тој посакал Пантелејмона да го воведе во вистинската вера. Најпрвин го повикал и го распрашувал за неговите родители и за неговото верување. Тој му раскажал за сè искрено дека мајка му била христијанка и додека била жива го воспитувала во тој дух, а дека татко му е паганин зашто сака да остане во служба на царот. Потоа свештеникот му зборувал на Пантелејмон за вистинскиот Бог Исус Христос, за неговите чуда, за исцелувањето болни, за воскреснувањето мртви итн. Тие раскажувања го потсетиле на зборовите на мајка му за вредностите на вистинската вера и кај него се разгорела љубовта кон Бога. Така кога почнал да лекува Пантелејмон се повикувал на Господ. Еднаш на враќање од кај учителот на патот видел мртво дете каснато од змија, којашто лежела покрај детето. Пантелејмон најпрвин се исплашил, но кога се сетил на зборовите од свештеникот дека Господ е семоќен, се наведнал над детето и побарал за него лек повикувајќи ја Божјата сила. Тогаш детето се разбудило, а змијата умрела. Потоа Пантелејмон веднаш отишол кај свештеникот и се крстил. Подоцна лекувал и слеп човек кого не можел да го излекува ниту еден лекар во империјата. Кога и него го излекувал кај свештеникот дошол и татко му и  тој се крстил.

Свети Пантелејмон бил многу популарен лекар што лечел од разни телесни и душевни болести. Кога умрел и татко му имотот го раздал на сиромасите, а тој лечел бесплатно. Особено внимателно ги лекувал христијаните што имале рани од мачењето. Поради завист од лекарите бил наклеветен кај царот кој најпрвин се обидел да го врати во идолопоклонство, но Пантелејмон му одговорил дека ниту по цена на животот нема да се откаже од својот единствен Бог Исус Христос. За да му докаже на царот кој е вистинскиот Бог побарал од царот еден безнадежно болен што требало да го лекуваат идолските жреци, односно лекарите неверници. Откако тие не успеале да го излекуваат Пантелејмон и над него го повикал името на Исус по што болниот веднаш оздравел.

По тој настан популарноста на Пантелејмон уште повеќе пораснала, а многумина поверувале во Исус Христос и се крстиле. Тоа, пак, уште повеќе ги разгневило лекарите кои од царот побарале да го погуби за да не привлече многумина во христијани. Поради тоа бил мачен, бесен, гребан по телото со остри предмети и горен со оган, а потоа фрлен во казан со растопено олово, но сето тоа јуначки го поднесол. Најпосле царот наредил да се исече со меч заедно со свештеникот Ермолај. Откако бил осуден на смрт, не со страв туку со радост тргнал кон губилиштето пеејќи ги Давидовите псалми. Потоа клекнал да се моли, а во тоа време џелатот замавнал со сабјата и го удрил по вратот, но на општо изненадување на насобраниот народ сабјата се искршила на безброј делови. Додека се молел Пантелејмон џелатот не можел да го погуби, иако повеќепати се обидувал. Дури откако ја завршил молитвата самиот побарал да го погубат. Тоа се случило во родното место Никомидија на 27 јули според стариот (или на 9 август според новиот) календар во 305 година.

На Света Гора има голем манастир посветен на свети Пантелејмон во кој според преданието се наоѓаат дел од моштите на светецот. Во Македонија впечатливи градби посветени на св. Пантелејмон се Светиклиментовата црква на Плаошник, потоа црквите во Горно Нерези, Скопско, во Велес, манастирите во Кочанско, Штипско и други места.

Тропар

Свети великомаченик Пантелејмон

Страдалнику свети и лекару Пантелејмоне, моли го милостивиот Бог да ни дарува прошка на гревовите на нашите души. 

(За МИА подготви Марко Китевски)

###

 

 

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ