Нова џамија пуштена во употреба во селото Горенци во Центар Жупа

 Нова џамија пуштена во употреба во селото Горенци во Центар Жупа

Дебар, 19 август 2018 (МИА) – Во пресрет на големиот муслимански празник Курбан Бајрам, во селото Горенци во општина Центар Жупа, во употреба е пуштена нова џамија, изградена со донации на жителите од селото и од други донатори.

На свечениот чин присуствуваше градоначалникот на Центар Жупа Аријан Ибраим, претставници на институции и имами од дебарското муфтиство, кое ги опфаќа оваа и општина Дебар, како и подрачјето на Река.

Присутните верници ги поздрави дебарскиот муфтија Хаџи Рамазан Хаса, кој искажа задоволство што утринскиот бајрамски намаз верниците од Горенци ќе го клањаат во новата џамија.

- Се наоѓаме пред одбележувањето на големиот празник Курбан Бајрам. Ви поскаувам со вашите семејства, пријатели, роднини, соседи да ги минете во среќа и благосотојба, да бидете вистински верници кои се предводат и ја почитуваат светата книга Куранот, порача Хаса.

Гоенци џамија 2

Аџи Аџиоски, жител на селото и иницијатор за изградба на џамијата, им се заблагодари на сите што помогнале во изградбата.

- На сите кои помогнаа нашите жители да имаат нов објект каде ќе ги извршуваат верските обреди, најискрено им се заблагодарувам и посакувам со убаво да им се врати. Пресреќен сум што утринската бајрамска молитва ќе ја одржиме во новата џамија, која ќе биде преполна зашто тука се и нашите соселани печалбари,изјави Аџиоски.

Новата џамија може да прими над 200 верници а за изградбата се потрошени над 150 илјади евра. Селото Горенци има 250 жители.

Инаку, во дебарското муфтиство веќе се преземени сите потребни активности за престојниот празник Курбан Бајрам или Аџи Бајрам, чие одбележување почнува во вторник, 21 август, а утринска молитва ќе се клања во сите четириесетина џамии.

Годинава 26 верници од дебарското муфтиство се во светите места Мека и Медина во Саудиска Арабија, на аџилак - петтиот столб на исламот. вт/хс/ 15:12

###

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ