• A-
  • A
  • A+
вторник, 18 септември 2018, 

Се зголемуваат инвестициите во приватниот сектор во Делчево

Се зголемуваат инвестициите во приватниот сектор во Делчево

Делчево, 31 август 2018 (МИА) - По 15 години успешна работа делчевските стопанственици Соња и Јонче Стоименовски ги прошируваат капацитетите на својот сопствен бренд за производство на 100 процентни памучни производи. Во Делчево тие синоќа свечено го пуштија во употреба новиот објект во кој ќе биде сместена и новата производствена линија.
 
Стоименовски со работа започнале пред 15 години со само неколку машини, но како што велат со многу ентузијазам, желба и многу љубов дојде ред да ги прошират капацитетите.
 
- Чувството е прекрасно, објектот е феноменален, направен е така да ги задоволува сите европски стандарди пропишани со сите манири за производство на памучна 100 процентна долна облека. Започнавме пред 15 години така минијатурно со љубов кон производот со макотрпна работа. Еве успеавме да оствариме еден сон. Еден објект вака поголем во кој ќе се произведува памучна долна облека каде ќе имаме една и уште една производствена линија, ќе имаме продавница, изложбено продажен салон со наши производи, но и од реномирани производители од Р. Македонија со кои соработуваме долги години, вели Јонче Стоименовски.
 
Во компанијата моментално работат 11 вработени, а доколку се реализираат одредени планови како што вели Стоименовски бројот на вработени би се зголемил двојно.
 
- Моментално во производство имаме 11 вработени, планираме да ги зголемиме двојно, капацитетот е голем можеме и уште повеќе луѓе да вработиме. Во преговори сме со фирма од соседството, ако успее договорот ќе бидеме во можност да го зголемиме бројот на вработени кои ќе работат со добра плата и сите придобивки кои ги следуваат работниците, информира Стоименовски.
 
Меѓу гостите на пуштањето во употреба на новиот објект на брендот Сони Текс присуствуваше и делчевскиот градоначалник Горан Трајковски кој рече дека е убаво да се види како луѓето гледаат перспективи во родниот град.
 
- Како прво мене ми е мило што сум поканет и присуствувам на отворањето на новите простории на Сони Текс и поготово ми е мило што бизнисмените гледаат перспективи да може да се води бизнис и овде во Македонија и да можат да наоѓаат егзистенција во родниот град, рече Трајковски.
 
Според планираното доколку се остварат најавите за соработка со партнерите од соседната земја во ребрендираната линија на делчевскиот бренд за трикотажа би биле вработени вкупно 35 лица. вс/сст/08:12

###

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ