• A-
  • A
  • A+
четврток, 20 септември 2018, 

Советот на Кавадарци ги избра приоритетите на општината

Советот на Кавадарци ги избра приоритетите на општината

Кавадарци, 31 август 2018 (МИА) - Советот на Кавадарци ги избра приоритетите на општината. Советниците во градскиот Совет донесоа одлука со која за приоритетни ги избраа проектите за реконструкција на водоводната и канализациската мрежа во селото Сопот и изградба на велосипедска и пешачка патека од мостот во Ваташа до Моклишката воденица.

Тодор Ефремов, раководител на Секторот за локален економски развој, појасни дека со овие два проекта општината ќе конкурира пред Агенцијата за финансиска подршка на руралниот развој.

На седницата на општинскиот Совет, беше донесена и одлука за продолжување на работното време за два часа на угостителските објекти за време на манифестацијата “Тиквешки гроздобер”, како и одлука со која се утврдени локациите за паркирање и цената што ќе се плаќа. Изгласани беа и неколку одлуки за одобрување на финансиски средства од буџетот, како и одлуки за примање на донации.

ЈП “Комуналец” доби виза од советниците за долгорочно задолжување пред државата со кредитни средства, кои ќе бидат искористени за реконструкција на водоводната и канализационата мрежа.

И во иднина социјалните случаи ќе бидат ослободени од плаќање на сметките за комунални услуги, со тоа што сега листата на овие лица е проширена и со корисници на постојана парична помош, нагласи градоначалникот Митко Јанчев и потсети дека се работи за одлука донесена од претходниот состав на совет и градоначалник, а сега се продолжува.

Советот ја поништи претходно донесената одлука за зголемување на надоместокот кој го плаќаат пазарџиите, затоа што тие побарале подобрување на условите кои се нудат на градскиот пазар.

- Станува збор за нов ДУП за пазарот, а исто така и за план за градба на нов пазар следната година. Кај неизградениот суд ќе се направи алтернативен пазар, додека се реконструира градскиот пазар. Кога ќе се подобрат условите на пазарот, повторно ќе биде покачена цената на надоместокот што го плаќаат пазарџиите, рече кавадаречкиот градоначалник.

Беше донесена и одлука за обесштетување на девет семејства од селото Возарци, чии домови беа поплавени при невремето на 26 овој месец. свд/сд/12:59

###

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ