• A-
  • A
  • A+
сабота, 22 септември 2018, 

Новата детска градинка во Штип ќе чини над 50 милиони денари

Новата детска градинка во Штип ќе чини над 50 милиони денари

Штип, 31 август 2018 (МИА) - Изградбата на новата детска градинка во штипската населба „Сењак“ ќе чини над 50 милиони денари. Советниците на денешната седница на Советот на општината дадоа зелено светло за одобрување на дополнителни 13.600.000 денари.

Првичните пресметки за изградба на градинката беа дека ќе чини 36.800.000 денари, но по електронската аукција ниту една од вкупно четирите фирми кои учествуваа не даде понуда приближна на проектираната сума.

Градоначалникот Благој Бочварски изјави дека дополнителните 13,6 милиони денари ќе бидат на товар на буџетот на општината.

- Ние сме ликвидна општина која може да го поднесе овој трошок. Тоа е цената на пазарот која што е понудена и ние треба да најдеме средства со заштедите кои ќе ги правиме, да обезбедиме средства оваа градинка да стане реалност, истакна Бочварски.

совет штип

Најновите пресметки и електронската аукција велат дека новата детска градинка ќе се гради со 16 милиони денари од Бирото за рамномерен регионален развој, а останатите над 30 милиони денари се обезбедуваат од буџетот на општината.

По донесената одлука од страна на Советот на општината, веднаш може да почне изградбата на градинката во која ќе се згрижат околу 200 деца од предучилишна возраст.

На денешната седница на Советот беа донесени и одлуките за формирање на паралелки со помал број ученици во петте основни и три средни училишта. Од буџетот на општината за првпат ќе се финансираат и проекти на невладиониот сектор. вдј/бак/15:07

###

 

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ