• A-
  • A
  • A+
сабота, 22 септември 2018, 

Нова фасада на ООУ „Димитар Миладинов“ – проект финансиран од Амбасадата на Бугарија

Нова фасада на ООУ „Димитар Миладинов“ – проект финансиран од Амбасадата на Бугарија

Скопје, 31 август 2018 (МИА) - Проект за реконструкција на општинското основно училиште „Димитар Миладинов“ и за нова енергетски ефикасна фасада, промовираа денеска градоначалникот на општина Центар, Саша Богдановиќ и пратеникот Хари Локвенец.

За проектот 135.000 евра обезбеди Амбасадата на Бугарија во Македонија.

- Цел на Република Македонија и на сите граѓани е да бидеме дел од големото европско семејство. Тоа значи дека силно работиме и ќе работиме на исполнување на демократските вредности и ќе создадеме услови за живот кои доликуваат на вистинска членка на заедничкиот европски дом. Почетокот на сѐ е квалитетното образование. Затоа една од моите основни цели како градоначалник и на сите советници, како и на општинската администрација е да го подобриме образовниот процес, за нашите млади да создадеме најдобри услови за учење и престој, истакна Богдановиќ.

Тој рече дека верува оти училиштето ќе биде пример и мотив за другите да работат посветено и да ги користат европските фондови за осовременување и унапредување на образованието.

- Денеска нашите пријатели од Европската унија одвојуваат околу 260.000 евра дневно како финансиска поддршка за проекти во образованието, инфраструктурата, младинските политики, културата, земјоделството. Таа сума, дополнително ќе се зголемува со приближувањето до полноправно членство во ЕУ, посочи Локвенец.

Влезот во ЕУ, истакна, значи и отворен влез на пазар од половина милијарда потрошувачи, значи поголема достапност на македонските продукти, зголемен извоз и поголема конкурентност на македонската економија.

- Со влезот во НАТО и почетокот на преговори со ЕУ, се зајакнува довербата во нашата економија, а Македонија станува атрактивна дестинација за посериозни и поголеми странски инвестиции. Ова се само дел од придобивките што следуваат, ова се придобивки за секој граѓанин на Македонија, додаде Локвенец. рп/сд/15:20

###

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ