Кочанските таксисти почнаа да наплаќаат по таксиметар

Кочанските таксисти почнаа да наплаќаат по таксиметар

Кочани, 3 септември 2018 (МИА) -Лиценцираните такси компании од Кочани од денеска започнаа своите услуги за превоз да ги наплаќаат според таксиметар, со што се спроведува и договорот меѓу локалната самоуправа и здружението на такси превозници за ставање ред во оваа дејност.

Од сега граѓаните кои ќе го користат такси превозот ќе плаќаат почетна цена од 50 денари, а секој изминат километар ќе доплаќаат по 15 денари за што ќе добиваат фискална сметка.

Покрај таксиметарот, кочанските таксисти ќе мора да поседуваат и важечка лиценца за вршење превоз што ја издава Општината, за што се најавуваат зајакнати контроли.

- Секој такси возач ќе мора да е пријавен како вработен во такси компанијата за која вози, има обврска да го вклучува таксиметарот и да му издава сметка на патникот за извршената услуга. Ваквите мерки ги преземаме по барање и на самите такси компании кои работат легално, а со цел да се елиминираат таканаречените диви таксисти, кои за услугата наплаќаа во договор со патникот, без да издаваат сметка. Во наредниот период ќе има зајакнати контроли на терен за да се спречи нелегалното работење и нелојалната конкуренција, истакна Ѓорѓи Наков, општински инспектор за патен сообраќај.

Во изминатите години на кочанските улици се појавија околу 200 такси возила, од кои само дваесетина поседуваа такси лиценца, а повеќето го користеа логото на регистрираните компании, но возеа без соодветна дозвола.

Со воведувањето на обврската за вклучување таксиметар голем број такси возачи најавија дека ќе ја напуштат оваа дејност поради зголемените трошоци и малата заработувачка.та/скс/14:27

###

 

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ