• A-
  • A
  • A+
петок, 21 септември 2018, 

Нема индикации за повторен наплив на бегалци по Балканската рута

Нема индикации за повторен наплив на бегалци по Балканската рута

Охрид, 5 септември 2018 (МИА) – Ризик од активирање на т.н. Балканска мигрантска рута во моментов не постои. Сценарио за повторување на ситуацијата од 2015 година засега е исклучено. Тоа беше посочено на Конференција за мигранти и бегалци „Одговорности и одговори“ што во организација на Меѓународната организација за бегалци на ОН (ИОМ) од денеска се одржува во Охрид.

- Моментално се забележува менување на таа мигрантска рута, со зголемен број бегалци и мигранти во Босна и Херцеговина. Она што моментално се случува се појави на пристигнување бегалци од Србија кон Босна и Херцеговина, каде воопшто нема капацитети за нивно згрижување. Тие лица во БиХ пристигнуваат од камповите во Србија, потоа преку Албанија и Црна Гора, а дел од нив го користат и безвизниот режим вопоставен меѓу Србија и Иран. Она што е особено карактеристично е што тие лица патот кон ЕУ моментално го наоѓаат преку илегално префрлање преку Хрватска, Словенија кон Италија, а не како досега кон Австрија, појасни Петер Ван дер Оверарт, координатор на Меѓународната организација за бегалци при ОН.

Тој забележа дека самите бегалци не се проблематични, со оглед на фактот што нив воопшто регионот не им е интересен како крајна дестинација, туку само како транзитна зона на патот кон Западна Европа.

Она што претставува предизвик е како државите од регионот преку размена на искуствата да изнајдат вистински решенија за справување со слични кризи во иднина.

Аргентина Сабадош, регионален директор на ИОМ, нагласи дека миграцијата е феномен што не може да се антиципира, да се предвиди така што останува потребата од воспоставување систем за справување со евентуални мигрантски напливи и инфраструктура за прифаќање такви лица.

- Генерално бројот мигранти е далеку намален, притисокот опаѓа, но главен предизвик сега е дисктинкцијата на лица кои навистина имаат потреба од меѓународна заштита и згрижување како бремени жени, ранливи категории, лица со посебни потреби, што е предизвик за сите земји од Западен Балкан, рече таа.

Кулминацијата на напливот мигранти во 2015 година го наметна прашањето за потреба од човечки ресурси, односно соодветен кадар обучен да одговори на такви кризни ситуации.

Деканот на Филозофскиот факултет од Скопје Ратко Дуев во оваа прилика појасни дека иако моментално состојбата со бегалците во Македонија е генерално стабилна, треба да се работи на подготвеност на системот за евентуални нови мигрантски движења, како и појава на реверзибилен процес односно враќање на дел од мигрантите.

Неџат Карајлиќ, декан на Факултетот за криминалистика, криминилогија и безбедносни студии во Сараево рече дека практичните искуства на Македонија и другите држави од Балканската рута во справувањето со бегалската криза се мошне значајни за Босна и Херцеговина.

- Проблемот со бегалците не можат да го решаваат само полицијата и безбедносните служби. Пристапот кон проблемот треба да биде мултидисциплинарен, потребни се социолози, педагози, психолози и други обучени лица, оспособени да работат со најразлични категории луѓе, забележа тој.

На научниот собир во Охрид свои излагања и трудови по односната проблематика ќе презентираат повеќе од сто учесници експерти од триесеттина земји. аб/сд/12:40

###

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ