• A-
  • A
  • A+
вторник, 18 септември 2018, 

Одбележани 74 години од ослободувањето на Пехчево

Одбележани 74 години од ослободувањето на Пехчево

Пехчево, 7 септември 2018 (МИА) - Со низа пригодни свечености Пехчево денеска ја одбележа 74-годишнината од ослободувањето на градот и 22 години од создавањето на Општина Пехчево како посебна административна целина.

Значајните историски датуми за малешевската општина започна со положување свежо цвеќе пред споменикот на борецот од НОБ од Пехчево, Ванчо Китанов, пред кој се поклонија делегација од Општина Пехчево, претставници на институции, политички партии и здруженија на граѓани.
 
Честитајки им го денот на сите пехчевци, градоначалникот Драги Тренчовски, истакна дека делата на предците кои ги оставиле животите за слободно Пехчево мора да бидат продолжени преку нови работни места за младите и подобрување на квалитетот на живот во општината.
 
- Сакам јавно да им го честитам денешниот ден на сите граѓани. Одбележуваме 74 од ослободувањето, денот кога во далечната 1944 година нашите предци се бореле за слободата за која ние со нашите дела сме должни во иднина да се фокусираме на отворање на што поголем број на работни места за да можеме да ги задржиме пред се младите во нашата општина. Исто така, согласно ветувањето кое го дадовме, мора да реализираме голем број проекти кои ќе бидат од интерес на нашите сограѓани, рече Тренчовски.
 
Празничната програма продолжи со свечена седница на Советот на општината на која како што истакна Тренчовски беа доделени благодарници и признанија на граѓани и институции кои дале посебен придонес за развојот на општина Пехчево.
 
- Доделивме признанија на заслужни фирми и граѓани од кои голем број од нив приоднесуваат за развој на нашата општина особено преку големиот број на инвестиции на стопанственици кои се грижат во делот на зголемување на вработувањето, а со тоа и зголемување на развојот и прогресот на нашата општина, рече Тренчовски.
 
Во рамки на културно уметничката програма настап имаа децата од детската градинка „7 Септември“, а се одржа и промоција на книгите „Кажувања“, „Патеписни записи“ и „Кајмак Стојна“ од авторот Јован Манчевски.
 
Вечерва во 21 часот на плоштадот „Св. Петар и Павле“ во Пехчево ќе се одржат концерти на групата Кате и Нели ти реков и Игуана бенд. вс/ сст/15:38

###

 

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ