• A-
  • A
  • A+
вторник, 18 септември 2018, 

Се тампонираат улици и патишта во прилепско Галичани

Се тампонираат улици и патишта во прилепско Галичани

Прилеп, 7 септември 2018 (МИА) - По две години конечно се тампонираат улици и пристапни патишта во прилепското село Галичани. Вакво тампонирање деновиве се работи во прилепското село Беровци, а идната недела во селата Мажучиште и Кадино Село, соопшти прилепскиот градоначалник Илија Јованоски кој со претседателот на советот Миле Талески беше на увид на работите во прилепско Галичани.

Според Јованоски постепено се уредуваат улиците во населените места, а по 30 септември ќе може да се користат европските фондови.

- Денеска сме во селото Галичани за да видиме до каде се стигнати работите со тампонирањето на патиштата кои водат до нивите и околината на селото. Вчера се работеше во селото Беровци, а идната недела и во селата Мажучиште и Кадино Село. По 30 септември ќе имаме можност да ги користиме и претпристапните фондови на ЕУ, кои ни нудат уште повеќе можности и повеќе средства. Значи, во наредната 2019 година, на нашата држава за таа намена ќе и стојат на располагање околу 90 милиони евра, изјави Јованоски.

Јованоски потесетува дека в година ќе се работи и на изградбата на канализација во неколку населени места.

Кире Јосифоски, жител на Галичани, рече дека еден од најголемите проблеми со кои се соочува локалното население, се пристапните патишта до нивите, а голем проблем претставува и немањето канализациона мрежа.

-Улиците во Галичани две години не се тампонирани. Сега е добро и во наредниот период очекуваме да бидат и асфалтирани тампонираните улици, а најавено е да се изгради и канализација во населеното место, па се надеваме дека за брзо време и таа ќе биде направена, смета Јосифоски.

За Ахмет Ристеми, жител на прилепско Галичани смета дека треба да се донесе урбанистички план зашто селото е веќе приградска населба.

- Нашето село се соочува со многу проблеми, но најмногу од се е состојбата на патиштата и канализацијата. Бидејќи нашето село е приградска населба, добро би било во иднина да се донесе урбанистички план. Се надевам дека оваа локална власт нема селективно да пристапува кон населението и дека ќе се асфалтираат сите патишта каде за тоа има потреба, без разлика на партиската припадност, рече Ристеми. ем/ац/17:16

###

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ