Мини двосед “БМВ изета” од 1955 година атракција на изложба во Кавадарци

Мини двосед “БМВ изета” од 1955 година атракција на изложба во Кавадарци

Кавадарци, 8 септември 2018 (МИА) - Мини двосед “БМВ изета” од 1955 година, со врата што се отвора однапред, заедно со воланот и предното стакло, е атракција во Кавадарци, уште пред официјално да почне денешната изложба на олдтајмери, во рамки на тридневната манифестација “Тиквешки гроздобер”. 

Возилото поминало илјадници километри прикачено за кампер, за да биде дел од забавата во најлозарскиот град во Македонија, посветена на грозјето и производите од грозје.

БМВ Изета Кавадарци изложба

Сопственици на ова прекрасно милениче се австриецот Роланд Димаи и неговата сопруга, русинката Влада. Димаи ексклузивно за МИА раскажа дека “старата” убавица ја поседува веќе 35 години, а во неа се вљубил на прв поглед кога случајно ја видел на улица и решил да ја купи. Со годините, возилото добивало на цена. Кога го купил вредело околу осум илјади марки, а сега околу триесет илјади евра. Иако, вели,  овој минијатурен автомобил што на свои плеќи ја носи цела историја и крие безброј животни тајни, за нив двајцата е вистинско богатство што никогаш не би го продале.

- Пред четири години правевме свадба во Италија и ова атрактивно возило беше дел од нашата свадбена церемонија. Имам уште неколку олд тајмери во мојата ергела со стари возила, убави старци кои секогаш се во мода. За изложбата во Кавадарци разбрав преку интернет. Бевме во Охрид, па на изложба во Минск, Белорусија, па наваму, така што поминавме околу седум илјади километри со камперот, за денеска да бидеме тука, ни рече човекот, кој за себе рече дека се занимава со иновации во зелена технологија и обновливи извори на енергија, а возилото го чува во гаража.

БМВ Изета Кавадарци изложба

Австриецот ни кажа дека овој модел на „БМВ“ своевремено бил инспирација и за дизајн на возило во цртан филм. А неговата сопруга, позитивна како него, со насмевка ни одговори дека разбира многу од нашиот јазик, исто како што знае што значи на македонски, нејзиното име Влада.

Крсте Соколов, вработен во новоотвореното Туристичко информативно биро во Кавадарци, откри дека брачната двојка ќе облече и традиционална австриска носија. Соколов изрази задоволство од интересот за оваа изложба и воопшто за манифестацијата и нагласи дека и во иднина акцентот ќе биде ставен врз заложбите да се привлечат што е можно повеќе вакви туристи кои не се само на поминување, туку да се задржат подолго во овој крај. свд/сд/10:18

###

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ