Ќе се подобрува патната инфраструктура во руралните средини во Пехчево

Ќе се подобрува патната инфраструктура во руралните средини во Пехчево

Пехчево, 10 септември 2018 (МИА) - Со средства од Бирото за регионален развој, општина Пехчево доби проект за изработка на проектна документација за подобрување на патната инфраструктура во пехчевските села Умлена, Робово, Црник и Панчарево.
 
Како што истакна градоначалникот на Пехчево, Драган Тренчовски, за подобрување на патната инфраструктура за повеќето селски населби во општината веќе е ангажирана фирма која проектната документација за реализација на проектот треба да ја изработи за 30 дена.
 
- Општина Пехчево за да ја подобри состојбата на патната инфраструктура во селските населби аплицираше и доби финансиски средства од Бирото за регионален развој на Република Македонија за создавање на предуслови за рурален развој во село Умлена, Робово, Црник и Панчарево. Средствата се во вредност од 657.024 денари. Со овие финансиски средства ќе се изработат проекти, со кои ќе аплицираме до надлежните институции и до Влада на Р. Македонија за реализација на истите, рече градоначалникот Тренчовски.
 
Тренчовски додава дека со вакви или слични проекти ќе се подобри квалитетот на животот во селата и ќе се даде придонес за намалување на уселувањето.
 
- Во изминатиот период селата беа целосно заборавени. Сега акцентот го ставаме на руралните подрачја и подобрување на квалитетот на живеење за сите граѓани, а особено таму каде што е најпотребно, во подрачјата со специфични развојни потреби и во селата. Ние сакаме да придонесеме во подобрување на квалитетот на животот во селата и со вакви и слични проекти ќе дадеме придонес за намалување на иселувањето и останување на младите, додаде Тренчовски.
 
Според  договорот со фирмата изведувач изработката на проектната документација треба да биде извршена до средината на октомври. вс/цр/11:36

###

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ