Градоначалникот на општина Демир Хисар Стојановски ги демантира медиумските информации

Градоначалникот на општина Демир Хисар Стојановски ги демантира медиумските информации

Демир Хисар, 11 септември 2018 (МИА) - Градоначалникот на општина Демир Хисар Марјанче Стојановски, преку секторот за односи со јавност на тамошната локална самоуправа, денес испрати соопштение во кое посочува дека никому не се заканувал нити влијаел врз граѓаните на Демир Хисар за претстојниот референдум.

Според Стојановски видео материјалот е снимен на 22 јануари 2018 година, на првиот училишен ден од второто полугодие во ООУ „Гоце Делчев“-Демир Хисар, на средба со родители која се одржала на нивно барање.

-Моето присуство во просториите на ООУ „Гоце Делчев“ беше по претходно барање на група од триесетина родители кои одржуваа средба поради протест на две незадоволни наставнички од прераспоредувањето на работно место во образовната институција каде работат, што е законско право на раководното лице во училиштето. Претходно, дел од родителите ми се јавуваа и ме известуваа за тој протест и незадоволство на двете наставнички, како оделе од куќа на куќа и ги убедувале останатите кои имаа можност за лобирањето при носењето на одлуката за нивното прераспоредување. Притоа, во овој контекст, сакам да информирам дека изречените зборови од моја страна во тоа монтирано видео се однесуваат токму на тие разговори, односно комуникации и контакти кои ги имав со родителите, а не некакво прислушкување, закани, уцени и слично. Исто така, информирам дека за таа средба и протест известено беше Министерството за образование и наука, се посочува во соопштението до јавноста од општина Демир Хисар.

Градоначалникот на општина Демир Хисар Марјанче Стојановски во соопштението до јавноста вели дека видео материјалот е монтиран и не е во целост прикажан.

-Велам монтирано видео, затоа што не е во целост дистрибуирано и прикажано, зборови се извадени од контекст, со што се добива целосна погрешна претстава за она што јас го зборувам, нагласува Стојановски. мт/бк/14:23

###

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ