МАНУ и БАН активно ќе се ангажираат за реализација на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка

МАНУ и БАН активно ќе се ангажираат за реализација на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка

Охрид, 17 јуни 2018 (МИА) – Со неодамна склучениот Договор за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија искажана е волјата на граѓаните на двете земји да градат заедничка европска иднина, а таа подразбира да се живее во демократија, развој, мир, стабилност и просперитет. Тоа е оценката на претседателите на академиите на науки на двете држави, Таки Фити и Јулијан Ревалски кои во име на двете институции потпишаа Платформа за соработка што треба да помогне за практична реализаци на самиот Договор.

Фити и Ревалски истакнаа дека академиите на науки на двете држави имале посебен придонес кон склучувањето на Договорот, преку воспоставената интензивна меѓусебна соработка последните години, главно врз научни и проекти од областа на културата и уметноста.

- Разговаравме отворено, со заемен респект, толеранција, разбирање и мислам дека на еден начин ја подотворивме вратата политичките раководства похрабро да појдат кон склучувањето на тој долгоочекуван Договор. Оваа Платформа што ја парафиравме има за цел да ја помогне практичната реализација на тој Договор... Поентата е преку нови научни и културни проекти да направиме нешто повеќе за зближување на младите генерации, како наша должност, преку организирање заеднички тркалезни маси, научни расправи по значајни теми, особено на оние атрактивните како информациско-комуникациските технологии, претприемништвото, вработувањето итн, рече Фити.

Претседателот на МАНУ најави дека двете академии ќе упатат повик до научните, културни институции понудувајќи ги, како што рече, своите добри услуги да иницираат соработка меѓу сите институции за исполнување на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Македонија и Бугарија.

Претседателот на Бугарската академија на науки Ревалски потсети дека со соработката меѓу академиите имаат реализирано повеќе од 40 проекти, со цел да се помогне зближувањето на двете држави што во крајна линија влијаело и за потпишувањето на билатералниот договор.

- Решивме да потпишеме Платформа која ги определува приоритетните области врз кои треба да се фокусира и интензивира идната соработка, како економијата, транспортот, енергетиката, природните науки, заштитата на животната средина, секако поврзани со заедничкото историско културно наследство. Интенција е приоритет да биде даден на соработката на младите луѓе, сето во насока билатералниот договор потпишан меѓу Владите на двете држави да не остане само документ на хартија, туку навистина да има своја практична реализација, рече претседателот на Бугарската академија на науки. аб/вј/13:01

###

 

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ