Меморандум за научна соработка меѓу МАНУ и МНД-Битола

Меморандум за научна соработка меѓу МАНУ и МНД-Битола

Битола, 26 јуни 2018 (МИА) - Центарот за стратегиски истражувања на МАНУ и Македонско научно друштво-Битола денеска потпишаа меморандум за научна соработка во областа на науките и уметностите.

Меморандумот го потпишаа раководителот на Центарот, академик Владо Камбовски и претседателот на МНД-Битола Марјан Танушевски кои обострано изјавија дека со документот се овозможуваат размена на информации, покренување на заеднички научни проекти и студии во областа на општествените науки, како и заеднички настапи пред меѓународни донатори со посебен акцент на европските фондови.

- Потпишаниот меморандум е природен резултат на еден подолг процес на меѓусебна соработка, како и на фактот дека голем број академци во МАНУ истовремено се и членови на МНД-Битола кое мора да се посочи дека во овој период остварува забележливи резултати на полето на науката. Во наредниот период очекуваме, пред се заради лоцираноста на МНД-Битола кое е на тромеѓето од три држави во овој регион, да се отворат нови перспективи за научна соработка меѓу државите, односно меѓу научните институции и тоа максимално ќе го поттикнуваме, посочи академик Камбовски на свеченоста во Битола.

Според Танушевски, меморандумот инициран од МАНУ значи респект на компетентноста на членовите на Друштвото и отворена можност за преточување на научните сознанија во сугестии и препораки корисни за креирање на политики во областа на науките и уметностите.

- Меморандумот е со широк опфат. Тој отвора нови видици и услови на членовите на Друштвото да го покажат и потврдат својот стручен потенцијал. Како досега, така и во иднина со МАНУ ќе организираме стручни трибини, работни средби и работилници, а паралелно ќе се интезивира и процесот на заеднички научно-истражувачки проекти и издавачка дејност, истакна Танушевски.

Македонско научно друштво-Битола и МАНУ денеска во овој град приредија и промоција на книгата „Критика на деморализираниот ум“ од академик Георги Старделов за која освен академик Камбовски говореше и претседателот на МАНУ, академик Таки Фити. мт/сст/18:20

###

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ