Адеми: Стручно образование пофлексибилно кон потребите на пазарот на трудот

Адеми: Стручно образование пофлексибилно кон потребите на пазарот на трудот

Скопје, 3 јули 2018 (МИА) - Стручното образование мора да биде пофлексибилно во прилагодувањето кон потребите на пазарот на трудот. Само така ќе се создаваат ученици со соодветни знаења, вештини и компетенции со кои веднаш по завршувањето на образовниот процес ќе може да се вработат и да одговорат на барањата на работодавачите. 

Ова го истакнал министерот за образование и наука Арбер Адеми на дводневната регионална конференција во Берлин посветена на промените во областа на стручното и техничкото образование во земјите од Западен Балкан, организирана од Германското федерално Министерство за економска соработка и развој и Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ).

Како што информира МОН, Адеми во обраќањето нагласил дека Владата на Република Македонија е свесна за важноста на стручното образование и интензивно работи на унапредување на неговиот квалитет, но и на подигнување на атрактивноста со цел што повеќе ученици да се одлучуваат за овој тип образование кој обезбедува полесна трансформација од образование кон работа.

- За квалитетно стручно образование не може да зборуваме доколку повеќе внимание посветуваме на теоретското знаење, а помалку на практичните вештини и компетенции на учениците. Затоа пристапивме кон зголемување на часовите по практична обука, не само во училиштето, туку и во компанија кај работодавач, што е одлична средина за учење и развој на вештини за исполнување на работните задачи. Паралелно работиме и на модернизација на постојните и воведување нови, т.н. модуларни наставни програми во училиштата кои се засноваат на резултатите од учење и оценување на резултатите од учењето, рекол Адеми.

Тој посочил дека голема придобивка се очекува и од дуалното образование, кое по примерот на развиените европски земји почнува од годинава и ќе се имплементира етапно. 

- На конференцијата и останатите учесници ги изнесуваат позитивните практики и искуства во делот на реформирање на стручното образование и обука во земјите од кои доаѓаат.  На крајот се очекува да бидат сумирани заклучоци и препораки за генерално постапување на земјите од Западен Балкан со цел унапредување на образовната сфера која за сега продуцира недоволен број кадри за придонес кон одржлив раст на регионалната економија, соопшти Министерството за образование и наука. хс/скс/16:28

###

 

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ