Просечната оценка од државната матура во јуни 3.42

Просечната оценка од државната матура во јуни  3.42

Скопје, 20 јули 2018 (МИА) – Вкупната просечна оценка од испитите по сите предмети од 11-тата државна матура за учебната 2017/2018 година во јунската испитна сесија е 3.42, што е мало подобрување од минатата година кога средната оценка беше 3.39.

Резултатите од испитите по трите екстерни предмети кои се полагаа  од 2-ри до 21 јуни, денеска на прес-конференција ги соопштија министерот за образование и наука Арбер Адеми и директорката на Државниот испитен центар (ДИЦ) Лидија Ѓошевска.

Според податоците, највисока просечна оценка е постигната по предметот турски јазик и литература 4.18, а најниска по англиски јазик 2.91.

- Имаме релативно иста ситуација како лани. Задоволни сме затоа што има благ раст на успехот, а тоа е индикатор дека и покрај сите предизвици и состојбата во која се наоѓа образованието, тоа е на добар пат кон подобар квалитет, истакна министерот Адеми, нагласувајќи дека целта им е да добијат реална слика за образванието на национално ниво од што ќе извлечат заклучоци за негово подобрување. 

Мајчин јазик и литература во јуни полагале 14 969 матуранти. Македонски јазик 10 122 со просечна оценка 3.66, албански јазик 4 474 со просечен успех 3.81 и турски јазик полагале 373 со просечна оценка 4.18.

По предметот математика, за кој во јуни имало 1900 кандидати, средната постигната оценка е 3.37.

МОН 2

Кај странските јазици највисока просечна оценка е постигната по германски (3.99 од 157 матуранти). Француски полагале 111 ученици и средната оценка е 3.82, испитот по руски го полагале 14 кандидати и  просечната оценка 3.21.

Изненадува што годинава оценката по англиски е најниска - и меѓу странските јазици и воопшто меѓу сите предмети. За овој испит биле пријавени 13 507 матуранти, а средниот успех е 2.91. Според директорката на ДИЦ Ѓошевска, причината е што многу тестови биле идентично решени и одговорите за есеј честопати биле исти, најверојатно симнати од интернет. Тоа им донело нула бодови на кандидатите.

Кај третиот екстерен испит, за кој матурантите можат да избираат меѓу шест предмети, највисока просечна оценка е постигната по хемија (3.98). По успешност следуваат испитите по физика (3.96), биологија (3.79), филозофија (3.78), естетика (3.58) и историја (3.21).

Од вкупно 43.331 реализирани испити, не биле положени 2 512, односно 5,8 проценти. Според бројот на добиени оценки, најмногу има тројки (36.6 отсто) и четворки (32,3 отсто). Петки добиле 14,1 отсто од матурантите, а двојки 11,3 проценти. 

Во четвртокот заврши рокот за приговори. До ДИЦ биле поднесени 480, а комисиите како основани прифатиле 130. Процентуално, поднесени се 1,1 отсто приговори, а прифатени се  0,3 проценти од вкупниот број. Цената на приговорот беше 1.500 денари и парите им се враќаат на учениците на кои им се одобрени. 

Матурантите  што во јуни не ја положиле државната матура или не во целост, следната испитна сесија е на 12-ти, 13-ти и 14 август. Положената државна матура е услов тие да се запишат на факултет. 

Директорката на ДИЦ Ѓошевска соопшти дека по августовскиот испитен рок заедно со МОН ќе пристапат кон подготвока на реформи во државната матура што ќе опфати обуки на наставниот кадар и на учениците. хс/са/15:02

###

 

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Мозаик

Доделена „Алтернативната Нобелова награда"

Наградата „Правилно живеење", позната и како „Алте...

Тревога во Бакингемската палата поради приврзок за клучеви

Мажот кој вчера беше уапсен кај Бакингемската пала...

Многу мажи по сексот чувствуваат емотивна празнина

Дури 40 отсто од мажите по сексот чувствуваат емот...

НАСА откри две нови планети

Само пет месеци по поставувањето во земјината орби...

Тренерот на Баерн им порача на фудбалерите да не одат сами на „Октоберфест“

Од овој викенд Баварија повторно живее во знакот н...