• A-
  • A
  • A+
петок, 21 септември 2018, 

Тројца сеизмолози и опрема што застарува

Тројца сеизмолози и опрема што застарува

Скопје, 26 јули 2018 (МИА) - Кога има земјотреси, особено кога се појаки, како што беше во Скопје во 2016-та (5.3) и серијата во Охрид минатата година (најсилниот 5.0), одговорите се бараат од Сеизмолошката опсерваторија. Нејзините вработени тогаш информираат за бројките од мерењата, будно ги следат афтершоковите, а во исто време под притисок од вознемирената јавност даваат и изјави за медиумите, па и смируваат и советуваат.

Тоа трае до конечното смирување на тлото, земјотресот се заборава, како и институцијата надлежна деноноќно да ја набљудува активноста длабоко под површината. А таа одговорна и непредвидлива работа ја извршуваат само тројца сеизмолози во целата држава, што е една третина од сеизмолозите што тука работеле пред 15-ина години.

На барањето од Природно-математичкиот факултет (каде што Сеизмолошката опсерваторија припаѓа организациски) да се вработат асистенти на целиот факултет, од МОН бил добиен одговор дека за тоа нема финансии. Од друга страна, пак, веќе неколку години нема ни интерес за запишување на геофизика – насока која на ПМФ беше отворена во 2002 година.

сеизмолошка опсерваторија

Раководителката на Опсерваторијата, сеизмолог д-р Драгана Черних-Анастасовска, вели дека веќе не им доаѓаат ни двајца дипломирани од насоката географија, кои лани од ноември работеле волонтерски. Едниот дури секојдневно патувал од Гостивар.

- Нема геофизичари и ако скоро не се одобри вработување, ќе ги изгубиме и нив.  Тројца сеизмолози сме и еден електроинженер за инструментите. Државата нè заборави. Сакаме да вработиме асистент, но не се распишува конкурс. Немаме кого да примиме. Не е само кој било да влезе, зашто прво треба да ја сака оваа работа која бара љубов и посветеност. Земјотресот не е работа од осум до три, туку е работа од 24 часа, вели за МИА д-р Черних-Анастасовска.

Нејзината колешка, сеизмологот д-р Катерина Дрогрешка, која е од првата генерација на студиите по геофизика на ПМФ, рече дека се запишале десет, пет се откажале уште за време на студиите, а другите пет се вработиле, но не сите по струка. Десетина години, вели таа, не се запишуваат студенти на оваа насока.

сеизмолошка опсерваторија

Опремата што ја имаат, (сеизмометри и регистратори) е донација од 2005-та од Словачка и УСАИД. Некои инструменти ги добиле во претходната власт но, како што велат, тие се премалку и не се комплетирани. Имаат два нови регистратора, но сè уште во експериментална работа зашто немаат систем-инженер. Во изминатиот период купиле сервери, но треба да се обноват компјутерите зашто работат на стари. Се работи за опрема што треба да се обновува на неколку години. Софтверот застарува, па новите верзии ГПС се некомпатибилни и не функционираат.

Самата опсерваторија - дејноста и сеизмолошката служба, не е финансирана со буџет наменет за неа, туку преку средства од ПМФ и со некои интервентни барања до Министерството што, вели Черних-Анастасовска, е капка во море.

- Оваа година конечно го најдовме патот – средствата кои ѝ се потребни на Опсерваторијата да се инкорпорираат во буџетот за следната година. Дали ќе биде тоа – не знаме уште, го дадовме пред две-три недели – тоа од ПМФ, преку Ректорат оди во МОН, ја појаснува таа процедурата околу буџетот од кој зависи и нивното основно функциноирање.

Сеизмолошката опсерваторија е лоцирана на Водно, подалеку од урбана средина и сообраќајници. До неа се стигнува по угорнина и по тесен, кривулест и ненаправен пат. Немаат службено возило и сите обврски ги прават со сопствени возила. Така е во сите годишни времиња, а понекогаш, во вонредни околности, доаѓаат и ноќе. Без наплата на патни трошоци ја одржуваат и сеизмолошката мрежа низ државата. Се случувало да останат и без греење во зима зашто навреме не била обезбедена нафта.

сеизмолошка опсерваторија

- Пред две-три години поради тендерски процедури доцна стигнаа парите. Беа избори и не можеа да се распишат тендери, па ние овде, цел овој објект, на карпа, бевме со три греалки. Покрај тоа, и инструментите треба да функционираат. До таму бевме оставени. Мислам дека не се во прашање средствата колку што се работи за неинформираност на службите и тие што се одговорни за тоа. Сеизмолошката опсерваторија е единствена национална институција која прави набљудување на сеизмичаката активност на територијата на Република Македонија, истакна Черних-Анастасовска.

Телеметриската мрежа ја сочинуваат пет мерни станици: Скопје, Охрид, Валандово, Штип и од минатата година Пехчево, каде што сè уште функционираат компјутерите донирани од Словачка. Сеизмички мониторинг има и на езерото Козјак - на браните Козјак и Св. Петка и на локација во село Белица на долниот дел од езерото. Бројот на мерни станици не е по стандардите во светот, според кои тие треба да се распордени на околу 50 километри. Соодветно на големината, Македонија би требало да има 15-ина станици.

Што ќе се случи ако престане работата на Сеизмолошката опсерваторија? Според неупатените, вели д-р Черних-Анастасовска, земјотресот овде ќе го измери Европскиот сеизмолошки центар, но тој не го мери земјотресот таму каде што се случил, туку ги прима во софтвер податоците од националните опсерватории и тие излегуваат на интернет.

сеизмолошка опсерваторија

- Кога се работи за македонски земјотреси, секогаш треба да се слуша националната опсерваторија. Релевантна е магнитудата која ја одредува матичната станица на автохтониот земјотрес. Мерењата што ќе ги покажат соседните земји не се автохтон податок. Автоматската локација на софтверот подлежи на грешка од 5-10 отсто и не се совпаѓа со оригиналната локација околу 30-40, понекогаш и 50 километри, додава таа.

Во однос на вредностите од мерењата, едно е јачина, друго е интензитет на земјотресот, а честопати луѓето не ги разликуваат.  Јачината, која се мери со Рихтеровата скала, ја означува енергијата која се ослободува во жариштето (хипоцентарот) во земјината внатрешност. Магнитудата се одредува инструментално од записите на сеизмограмите. Интензитетот, пак, што го одредува Европската макросеизмичка скала, е манифестацијата на таа енергија на површината на земјата врз луѓето и објектите.

Скопската котлина се наоѓа во тектонски активно подрачје кое се карактеризира со појава на силни земјотреси со период на повторување од 500 години. Има податоци за разурнувачки земјотреси во Скопје во 518 и во 1555 година, потоа во 1963. Тоа сеизмолозите го нарекуваат  повратен период или веројатност да се случи земјотрес во тој период. Тоа може да биде на почетокот, на средината или на крајот на периодот. Пр. оној од 518 година бил на почетокот на 500-те години интервал, а другиот, во 16-тиот век, бил на крајот, но меѓу нив има илјада години.

Во Скопската котлина сите земјотреси се резултат на тектонска интеракција во длабочините на земјата меѓу два блока - Скопска Црна Гора и Водно. Напрегањата меѓу двата блока во земјината внатрешност се акумулираат сè до моментот на ненадејно релативно придвижување на блоковите и појавата на земјотресот. Некогаш на местото на Скопската котлина имало големо езеро и поради тоа на дното има алувијални наслаги. Тие го засилуваат дејството на земјотресот и прават да е поразорен. Затоа во скопскиот земјотрес пред 55 години се отвориле големи пукнатини.  

Земјотресот, нагласува д-р Черних-Анастасовска, не може да се предвиди ниту во земји со најсовремена опрема. А од друга страна, вели таа, што ќе се случи и ако кажеме дека задутре ќе има земјотрес.

сеизмолошка опсерваторија

- Важно е како се прават градбите, дали се асеизмички стабилни и нема ли да колабираат при земјотрес. Во Јапонија на кратки периоди има земјотреси силни колку скопскиот, а Токио има 15 милиони жители. Гледаме како се нишаат, а никој не бега, додава раководителаката на Опсерваторијата. 

Исто така, важна е и едукацијата и поттикнувањето на интересот за физика од најрана возраст. Кога би имало повеќе вработени геофизичари, велат овие сеизмолози, тие би оделе по школите да ги едуцираат учениците, и тоа да биде континуирано, не само со некоја содржина на часовите по географија или физика.

- Имавме идеја да се инволвираме во системот на образование со предавања еднаш-двапати годишно, со наше доаѓење во училиштата, но и учениците да дојдат тука. Прво да се запознаеме со земјотресот како природна појава и начинот како да се заштитиме од земјотрес, не само кога ќе се случи, туку пред неговото настанување и откако ќе заврши, вели сеизмологот Дрогрешка.

сеизмолошка опсерваторија

Имаат и подготвени презентации за ученици од различни возрасти. Им ја претставиле идејата во Град Скопје и во општините, но не бил покажан интерес. Информативни брошури, според нив, се потребни за целото население. 

Хатка Смаиловиќ

фото: Фросина Насковиќ 

###

 

 

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ