• A-
  • A
  • A+
петок, 21 септември 2018, 

Битолските училишта должат над 285 милиони денари

Битолските училишта должат над 285 милиони денари

Битола, 22 август 2018 (МИА) - Средните и основните училишта чиј основач е општина Битола имаат вкупни долгови од над 285 милиони денари (околу 4,6 милиони евра), а од нив 122,8 милиони денари се долгови кон надворешни доверители, вршители на разни услуги за училиштата.

На средбата со новинарите, градоначалникот на Битола, Наташа Петровска и секретарот на општината Слободан Најдовски, информираа дека долговите на училиштата секојдневно се зголемуваат заради затезните камати, извршни решенија и други финансиски проблеми.

Од општина Битола потврдија дека две средни училишта и осум основни училишта се со блокирани сметки, средното медицинско училиште „Јован Калаузи“ должи околу 35 милиони денари, основното училиште „Крсте П. Мисирков“ должи 39 милиони денари, а со високи долгови кои се движат од 16 до 30 милиони денари се и основните училишта „Александар Турунџев“, „Гоце Делчев“, „Елпида Караманди“, „Климент Охридски“ и „Коле Канински“.

Првите луѓе на битолската локална самоуправа на новинарскиот брифинг посочија дека деновиве се посветени на надминување на проблемите со неплатени сметки за потрошена електрична енергија кои училиштата во градот не ги плаќале од месец април 2017 година, со што во овој момент вкупниот долг на училиштата кон ЕВН-Македонија изнесува 6,5 милиони денари, од нив 5,3 милиони денари должат основните и 1,2 милиони денари средните училишта.

На иницијатива на градоначалникот на Битола, а по деветгодишна пауза, годинава по потпишаниот договор со ЈЗУ Завод за здравствена заштита-Битола, ќе се изврши здравствен санитарен преглед на сите наставници во основните и средните училишта чиј основач е Советот на општина Битола, со што ќе биде исполнета законската обврска секој наставник да може непречено да изведува настава, беше истакнато на средбата со новинарите во општина Битола. мт/рп/13:05

###

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ