Штипските основни училишта се подготвуваат за почетокот на новата учебна година

Штипските основни училишта се подготвуваат за почетокот на новата учебна година

Штип, 22 Август 2018 (МИА) - Штипските основни училишта се подготвуваат за почетокот на новата учебна 2018-2019 година. Во Општинското Основно училиште (ООУ) „Димитар Влахов“-Штип во тек се градежни зафати, односно се реконструира подот и училниците.

- Нееколошкиот линолеум го заменуваме со гранитни плочки и веќе сме при крај со поставувањето на плочките по ходниците. Воведуваме еден новитет и со кабинетска настава по предметите. Значи секој наставник ќе си има сопствен кабинет. Сите училници ги обеливме со иницијатива на сите вработени и сакаме да стартуваме со едно ново руво, каде што децата ќе се чувствуваат попријатно. Вели Миле Младеновиќ директор на ООУ „Димитар Влахов“.

Директорот на ООУ „Гоце Делчев“-Штип, Трајче Димов вели дека се е подготвено за стартот на новата учебна година, а добиени се и проекти за наставни помагала од страна Амбасадата на Република Германија и од Мировниот корпус.

- Морам да се пофалам дека за проектот за дигитализација на училиштето преку ИПА фондовите веќе ги поминавме двете фази, останува уште третата фаза, а на повидок е и уште еден огромен проект, што може да влезе во ова училиште, вели Димов.

Во ООУ „Ванчо Прќе“-Штип интензивно се работи на уредување на училниците и ходниците.

- Од Министерството за образование добивме три смарт табли, сместени се во кабинетите по македонски и математика и едната е во кабинетите по одделенска настава. Моментално немаме никакви проблеми и очекуваме се да биде во најдобар ред до петок 31 Август, кога ги очекуваме првачињата, вели Методи Парпаров, директор на ООУ „Ванчо Прќе“-Штип.

Во училиштата  „Тошо Арсов“ и „Славејко Арсов“  се подготвуваат училниците и наставничките канцеларии.

Во штипските основни училишта бројот на ученици е околу 4.000. вдј/см/ 13:42

###

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.