Намален бројот на првачиња во Струга

Намален бројот на првачиња во Струга

Струга, 30 август 2018 (МИА) - Вкупно 605 првачиња се запишани во 11-те основни училишта во општина Струга, што е за шест помалку од минатата година.

Шефот на кабинет на градоначалникот и раководител на секторот образование Дашмир Насуфи во изјава за МИА информира дека струшките училишта се подготвени за стартот на новата учебна година.

- Годинава имаме 605 дечиња запишани во прво одделение, а минатата имаше 611, во 11–те основни и 24 подрачни училишта во општината. Пред два дена имавме состанок со директорите на училиштата и потврдија дека се е подготвено за новата учебна година, истакна Насуфи.

Општината, нагласи тој, работи на надминување на заостанатите долгови на училиштата и решавање на проблемот со платите кај наставниците во селото Лабуништа, кои подолго време не добиле месечни примања.

- Договараме со Министерството за образование да го решиме проблемот со платите кај просветните работници во Лабуништа. Во однос на заостанатите долгови со кои се соочуваат струшките училишта проблем имаше кај осум. Во пет училишта општината ги подмири заостанатите сметки, останаа уште три за кои ја преземавме обврската до крајот на годината и кај овие да се подмират долговите, изјави Насуфи. сс/дма/13:09

###

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ